Тројно убиство во Злетово: Се почнало со кобен телефонски повик – „Жена ти е со љубовникот“


Kаде ќе одиш со пушката? Kако влегуваш во куќава во униформа и со пушка? Ова биле последните зборови на Илија Михаилов (65) пред да биде застрелан од поранешниот зет Драган Манаилов (40), кој во убиствениот поход предизвикан од љубомора го зави Злетово во црно.

dragan32

Од куќата на Димитрови во центарот на Злетово вчера околу 6.40 часот почнал крвавиот поход на професионалниот војник Манаилов. Тој предвреме го напуштил стражарското место во касарната во Kуманово, каде што ноќта бил дежурен, за да ги најде во своите куќи сопругата и нејзиниот љубовник. Според кажувањата на злетовци, како и на вработени во АРМ, Манаилов во текот на ноќта добил телефонски повик „сопругата ти е со љубовникот“. Тогаш решил да се одмазди и со службената пушка ја напуштил касарната пред завршувањето на смената. Влегол во својот автомобил „опел астра карван“ и дошол во селото. Тој се паркирал пред куќата на Димитрови и веднаш испукал еден куршум во воздух викајќи по Филип, момчето за кое се сомневал дека е со Радмила, за да излезе надвор, пишува Дневник.

Вратата ја отворила мајка му, која не сакала да го пушти внатре по што тој со кундакот ја удрил по главата. Жената паднала, а тогаш излегол чичко му Методиј. Тој почнал да се расправа со Манаилов за, како што велат соседите, Филип да успее да избега од куќата. Kавгата завршила во ходникот каде што Манаилов го застрелал Методиј и избегал. Војникот влегол во „опелот“ и се упатил кон куќата на сопругата на почетокот од селото оддалечена 1,5 километар. Вратата била подотворена, а Илија и Јана го пиеле утринското кафе во дневната соба каде што била и нивната внука, осмоодделенка, ќерка на Манаилов. Убиецот само прашал каде е Радмила, без да разговара друго со нив.

Тие му рекле дека таа спие на катот заедно со десетгодишниот син. Kога убиецот тргнал кон катот, почнала кавгата, во која Манаилов ги застрелал дедото и бабата. Тој веднаш тргнал кон катот, но таму налетал на Радослав, исто така професионален војник, кој живее таму со својата жена и двете малолетни деца.

Братот на Радмила почнал да се бори со Манаилов и по кусо време успеал да му ја одземе пушката, по што убиецот веднаш се симнал и избегал со автомобилот. Тој се упатил кон селото Бревено на 23 километри од Злетово од каде што потекнуваат неговите родители. Бидејќи бил без оружје, Манаилов сакал да се скрие во шумите покрај селото. Го оставил автомобилот до каде што можело да се вози и пеш продолжил до ридот кај местото наречено Мали Балуек, каде што се обесил. Неговото тело го пронашла полицијата, која утрото тргнала по него во Бревено, а го следела до неговиот автомобил.

Со Радмила биле многу години заедно, а Илија им подарил плац веднаш зад семејната куќа, каде што младите изградиле убава мала куќа. Радмила имала завршено педагошка академија и била наставничка во дневниот престој во селското училиште. Методиј, пак, бил вработен во Општина Злетово како пазарен инспектор. И за него соседите велат дека бил прекрасен човек, кој не бил женет, но се грижел за семејството на братот и за внукот.

– Војската требаше да преземе мерки и да му го одземе оружјето на Манаилов. Тој лани крвнички го претепа Филип, кој заврши во болница. И претходно пукаше со пиштол – велат соседите на Михаилови.

Од МВР потврдуваат дека против осомничениот досега биле поднесени две кривични пријави за сторени кривични дела телесна повреда и тешка телесна повреда сторени во семејството. Радмила и Манаилов биле во бракоразводна парница, а за случајот бил информиран и Центарот за социјални работи.

ДНЕВНИК

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1