Тројца пензионирани пожарникари од Њујорк кои биле меѓу првите кои им помагале на жртвите по терористичкиот напад на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001 година, починале во ист ден во период од неколку часа, објавиле локалните власти во четвртокот.
Хауард Бишоф (55), Даниел Хегланд (58) и Роберт Ливер (56) починале во понеделникот, 13 години по нападот , пишува „Си-би-ес њуз“. Сите тројца починале од карцином (леукемија, карцином на хранопроводот и карцином на цревата).
– Нивната смрт е болно сеќавање дека и по 13 години по нападот плаќаме страшна цена – изјавила главниот пожарникар во Њујорк, Даниел Нигро.
Нивната смрт уште еднаш ги поттикна шпекулациите дека при уривањето на кулите на Светскиот трговски центар се ослободила отровна прашина поради која луѓето се разболеле.
– Кога спасителите дојода на местото на нападот, воздухот беше отровен и така беше со месеци – изјавил Џејк Џемонд од синдикаотот на пожарникари.
Хегелунд 21 година бил пожарникар во Њујорк, а починал ден пред својот 59-ти роденден. Бишоф бил во пожарникарната служба 19 година, а Ливер 20 години. Сите тројца се пензионирале во 2003 година.
Во терористичкиот напад починале 343 пожарникари. Многу од нив кои помагале подоцна се разболеле, а 92 од нив починале во следните години од разни болести.
Адвокатите на жртвите бараат од Конгресот, државата да ги плати трошоците за нивното лекување и да им даде оштета на оние кои се разболеле поради вдишувањето на отровната прашина.