Жителите на Општина Центар кои досега чуваа домашни животни, живина или пчели по дворовите, треба да се простат од нив или да ги преместат на териториите на други општини, затоа што Центар со одлука на Советот завчера забрани да се чува каков било вид крупна или ситна стока во нејзините граници. Затегнати се и правилата за чување кучиња по домовите. Граѓаните што живеат во зграда, а чуваат куче во стан или во дворот на зградата, за тоа мора да имаат согласност од мнозинството станари. Со најновата Одлука за комунален ред во Центар е забрането да се чуваат кучиња што постојано лаат и завиваат.
Гулабарите засега куртулија од забрана, оти чувањето гулаби и натаму е дозволено, но во гулабарници според стандарди. Нема место за гуски и за магариња
Kучиња во зграда само со согласност од станарите
– Не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат. Сопствениците на кучињата и на другите миленици, треба да ги сместат и да ги чуваат така што животните нема да го попречуваат мирот и спокојството на соседите. Kучиња не смеат да се чуваат во станбени згради и во нивните дворови, освен ако сопственикот има писмена согласност од мнозинството станари – се вели во одлуката.
Сопствениците се должни кучињата да ги чуваат во своите дворови, а надвор може да се изнесат само со корпа на устата и подводник. Изметот од кучињата сопственикот е должен да го собере во кеса и да ги остави во корпи наменети за таа цел. Сопствениците на ловечки кучиња, пак, се должни да ги држат врзани кога минуваат низ територијата на Центар.
Дневник.мк