Според документот до кој дојде американскиот сајт „Интерсепт“, чиј еден од основачите е близок соработник на Едвард Сноуден, новинарот Глен Гринволд, ЦИА инвестирала пари во повеќе фирми кои го анализираат Твитер и Инстаграм.
Гринволд, кој во 2014 доби Пулицерова награда за улогата која ја имал во откривањето на податоците на Сноуден за прислушувањето што го врши американската Агенција за национална безбедност (НСА), денес e еден од уредниците на „Интерсепт“.
Овој сајт објави документ од самитот на извршни директори што кон крајот на февруари во Сан Хозе го организираше инвестициската компанија „Ин-Ку-Тел“ за која „Интерсепт“ тврди дека припаѓа кон ЦИА.
Овој документ открива 38 досега непознати компании кои добиваат финансии од „Ин-Ку-Тел“, чиј најважен фокус е на следење информации од социјалните мрежи.