Унгарската влада од САД ќе побара информации за предупредувањето на Централната разузнавачка агенција, во кое Будимпешта наводно се споменува како потенцијална терористичка цел, изјави во понеделникот советникот за национална безбедност на премиерот, Гјорги Баконди.
Тој реагирал на информацијата објавена во еден полски весник според кој ЦИА ги предупредила полските национални безбедносни служби за можни закани за Варшава, Будимпешта и Берлин, пишува порталот „Hungary Today”.
Весникот се повикува на неофицијални медиумски извештаи според кои во средината на март ЦИА испратила предупредување за можни паралелни закани кои требало да се исполнат за време на „масовни настани“ во споменатите градови.
Баконди рекол дека унгарската Влада нема добиено никаква официјална информација која се однесува на овие закани, како и дека за истите дознала од полскиот весник “Rzeczpospolita”.
Тој истакнал дека Владата ги сфаќа сериозно овие информации за потенцијалните закани и дека прави сè што е во нејзина можност за да ги заштити своите граѓани.
На прашањето дали Унгарија мисли да го зголеми нивото на безбедност во земјата, Баконди одговорил дека за тоа е премногу рано, но додал дека Владата секогаш ги проверува сите информации пред донесувањето на одлука.