Грција барала од Русија десет милијарди долари за печатење драхми, но Москва одбила, па на Атина не ѝ преостанало ништо друго освен да ги прифати барањата на доверителите, пишува Грикрепортер.
Доколку ова е вистина, оценуваат авторите, Грција, како што претпоставуваа многу експерти, ѝ се обратила на Русија за финансиска помош, а веројатно и на Кина, настојувајќи да го напушти „гравитациското поле“ на еврозоната.
Грикрепортер наведува дека од почетокот на годината премиерот Алексис Ципрас планирал враќање на драхмата, за што биле информирани клучните луѓе во неговата влада, вклучувајќи го сега бившиот министер за финансии Јанис Варуфакис.
Освен тоа, со своите посети на Русија Ципрас сакал да изврши притисок врз Германија и да ја убеди да отпише дел од грчкиот долг.
Москва одолжувала до последниот момент и одговорот стигнал за време на кулминацијата на грчката драма – во ноќта по одржаниот референдум. Наводно, одговорот бил негативен.
Сè што му преостанало во тој момент на Ципрас е да ѝ се „предаде“ на германската канцеларка Ангела Меркел, наведува Грикрепортер.
Меѓутоа, коментирајќи ги наводите на грчките медиуми, портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, тврди дека Грција не барала финансиска помош од Русија.
„Повеќе пати, на различни нивоа, кажавме дека грчката страна и нејзиното раководство не ѝ се обратиле на Русија за помош“, наведува Песков.