Доколку нема разрешница за сите нерегуларности кои беа и допрва ќе бидат евидентирани за нас сите опции се отворени, вклучително и неучество во вториот изборен круг на овие избори, порача вечерва лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.
– Овие избори беа сè друго само не фер и демократски. Бевме сведоци на невидени закани и уцени, притисоци, нерегуларности во избирачкиот список, злоупотреба на државните институции, не медиумски мрак, туку медиумска тортура – рече Црвенковски, кој им се заблагодари на сите граѓани кои се охрабрија и го дадоа својот глас за опозицијата.
Црвенковски смета дека поддршката која ја доби опозицијата во ваков тоталитарен амбиент е толку голема.
– Битката продолжува. Отпорот продолжува, нашата цел се предвремени парламентарни избори и конечна победа на овој партиско-полициски режим на Никола Груевски. Одиме до крај, одиме до конечна победа – истакна Црвенковски.
Извор – Плус инфо
Видео – Бриф