Турција бара доживотен затвор за муџахедините од Македонија


Бенјамин Ху и Мухамед Зекири биле уапсени неколку дена по нападот на полицискиот пункт и убиството на тројца жандарми и спротивно на информациите лиферувани во јавноста не беа разменети за турските државјани и дипломати заробени од ИСИЛ, туку држени во затвор со максимален степен на безбедност.

Охриѓанецот Мухамед Зекири и Бенјамин Ху, родум од Грчец, завчера беа изведени пред судот во Анкара каде им се суди за нападот на полициската патрола во областа Нигде, во март годинава, во кој беа убиени тројца полицајци, а ранети уште петмина, пишува Вечер.

isis3

На првото рочиште обвинителството побарало три доживотни казни затвор за секој од нив и повеќе од сигурно е дека таа пресуда и ќе биде донесена на следното рочиште кое е закажано за средината на идниот месец. Покрај нив на обвинителната клупа е и Косовецот Ќендрим Рамадани.

Тројцата муџахедини го извеле нападот на 20 март годинава на автопат во близината на градот Улукишла, во областа Нигде. Тие се движеле со џип од градот Адана кон градот Нигде кога биле запрени од патрола на турската жандармерија. Седумтемина жандарми биле во џип и го контролирале сообраќајот, барајќи членови на ИСИЛ и АЛ Каеда кои во тој период често патувале на таа делница. Сепак тие не биле подготвени и доцна возвратиле на нападот. Тројца, вклучувајќи и офицер, биле убиени а петмина ранети вклучувајќи и цивил, возач на камион кој минувал на автопатот во моментот на престрелката.

isis1

Оттаму побегнале кон селото Еминлик, оддалечено стотина километри каде селаните ги сокриле. Косовецот Рамадани бил ранет во престрелката и морал да добие неопходна медицинска помош која ја немало во селото. Тој бил фатен уште истата вечер кога хеликоптерите на турската војска, опремени со апарати за ноќно гледање, го откриле конвојот во кој бил тој. Наредниот ден во Еминлик упаднале припадници на турската војска и на жандармеријата, а македонските муџахедини биле откриени во селската џамија каде се обидувале да се сокријат.

Според информациите на турските медиуми, во обвинителниот акт Зекири, Рамадани и Ху се товарат и за учество во бомбашки напад во областа Хатај во кој загинале 53 лица, а стотина биле повредени.

Тројцата, како членови на ИСИЛ, се бореле во Сирија во регионот до границата со Турција. Поради тоа често влегувале во Турција каде наоѓале засолниште и добивале неопходна медицинска помош.

Мухамед Зекири, исто како и Бенјамин Ху се млади момчиња на возраст од 18, односно 19 години. Зекири кој е од Охрид, бил врбуван и индоктриниран во Албанија. Тој е роднина со членовите на семејството Дука кои се обидоа да нападнат возена база на тлото на САД, а радикалните ставови ги добил во џамија во Тирана од каде заминал во Сирија. Таму се борел во редовите на Јабха Ал Нусра.

Бенјамин Ху, алијас “Кинезот”, пак е син на Ниметула Ху од скопски Грчец кој минатата година беше убиен во борбите против силите на претседателот Асад. Ниметула долги години живеел и работел во Берлин каде се оженил со кинеска државјанка од која го зел презимето. Во меѓувреме тој бил индоктриниран и врбуван, а со себе го понел и синот Бенјамин, кој уште како 17-годишник учествувал во жестоките битки во Сирија. Ниметула бил командант на единица на Ал Каеда кој оперирала во близина на границата со Турција. Во судирот во кој тој беше убиен неговиот син Бенјамин бил ранет.

Во октомври годинава, во јавноста беше лиферувана информација дека турските власти размениле педесетина припадници на ИСИЛ и Ал Каеда за киднапираните турски дипломати од конзулатот во ирачкиот град Мосул. Тогаш британската Би-Би-Си објави дека меѓу разменетите биле и двајца македонски државјани, а таа информација никогаш не беше потврдена.
Зекири и Ху, кој има германско државјанство, цело време биле чувани во затвор на непозната локација со максимално обезбедување и никогаш не биле ни во план на турските власти за евентуална размена.

Иако истрагата тоа не го потврдила се претпоставува дека муџахедините влегле во Турција за да добијат медицинска помош и да се одморат од константине воени судири, што често се случува во тој дел од Турција. Според неофицијални информации Бенјамин Ху, по битката во која тој бил ранет во ногата, а неговиот татко убиен бил префрлен токму во областа Нигде каде е опериран и се задржал неколку месеци додека да закрепне и повторно да се врати во редовите на ИСИЛ.
Според официјалните податоци на МВР досега 11 македонски државјани кои се бореле во редовите на ИСИЛ, Ал Нусра и Ал Каеда се убиени на боиштата во Ирак и Сирија. Од министерството информираат дека состојбата е под контрола и дека ја следат ситуацијата на теренот, односно дека во нашата држава нема регрутни центри или пак центри за обука на муџахедините. Сепак, петмина од убиените се момчиња од Скопје, од населбите Чаир и Гази Баба кои посетувале четири џамии во овие две населби кои не се под контрола на ИВЗ и во кои држеа проповеди имамите Билал Босниќ и Шефкет Красниќи, докажани поддржувачи на радикалниот ислам, кои неодамна беа уапсени во Босна, односно во Косово.

Проценките на безбедносните служби се дека во моментов во Сирија и Ирак има околу 200 македонски државјани, главно од албанска националност, кои се борат во редовите на терористичките организации и формации. 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1