Сопственикот на барот „Le Constellation“ во швајцарскиот алпски скијачки центар Кран-Монтана, Жак Морети, е уапсен под сомнение дека постои ризик од бегство.
Неговото апсење уследи по повеќедневна истрага за една од најтешките трагедии во поновата швајцарска историја, во која на новогодишната ноќ загинаа најмалку 40 лица, а 119 беа повредени.
Во исто време, за првпат пред камерите проговори и Џесика Морети.
– Сите мои мисли се постојано со жртвите и повредените. Ова е незамислива трагедија. Никогаш не можевме да ја замислиме. Се случи во нашиот ресторан. Сакам да се извинам – изјави Џесика Морети, видно скршена и во солзи, задушена од емоции и едвај способна да зборува, откако беше оставена да се брани од слобода.
Очевидци сведочат дека пожарот настанал речиси моментално, предизвикувајќи паника меѓу присутните. Според нивните изјави, луѓето очајно се стрчале кон скалите што водат до излезот, туркајќи се и прекачувајќи се едни преку други во обид да се спасат. Се слушале вресоци, а дел од гостите кршеле прозорци за да избегаат од просторот исполнет со чад. Брзината со која се ширел огнот дополнително ја отежнала евакуацијата, што резултирало со голем број жртви и повредени.
Швајцарскиот претседател Гај Пармелан трагедијата ја опиша како „една од најлошите што нашата земја некогаш ги доживеала“, нагласувајќи дека целата нација е во жалост. Властите прогласија ден на национална жалост, а во Кран-Монтана граѓаните оставаа цвеќе, писма и свеќи во спомен на загинатите.
Француското обвинителство ги истражува сопствениците на барот под сомнение за повеќекратни кривични дела, меѓу кои и убиство од небрежност. Неколку семејства на жртвите веќе поднеле кривични пријави, барајќи целосна одговорност за, како што тврдат, сериозните пропусти што довеле до трагедијата.
Според првичните наоди од истрагата, постојат сомнежи дека пожарот бил предизвикан од употреба на прскалки или слични пиротехнички средства во затворен простор, кои запалиле лесно запаливи материјали на таванот. Се испитува и дали објектот ги исполнувал сите безбедносни стандарди и дали претходните инспекции биле соодветно спроведени.










