Мексиканецот Хесус Чавез Кастиљо, на кого во моментов му се суди во САД, признал дека убил најмалку 800 луѓе, објавуваат латиноамериканските медиуми.
Чавез бил уапсен во мексиканскиот град Сјудад Хуарес во 2010 година, а веднаш потоа бил предаден на властите во САД.
Кастиљо за време на судењето изјавил дека бил член на бандата Барио Ацтек и дека шефот на оваа банда секојдневно одредувал колку луѓе треба да бидат убиени. Убиствата имале за цел заплашување на полицијата и граѓаните, објавија светските медиуми.
Овој мексикански бандит обвинет е за убиство на неколку работници во конзулатот на САД и членови на нивните семејства во март 2010 година во пограничниот град Сјудад Хуарес во мексиканската држава Чихуахуа.
Кастиљо сега сведочи против својот поранешен шеф, лидер на бандата, Артуро Гаљегос, кој наводно го наредил убиството на американските државјани.
Чихуахуа е позната како главен канал за шверц на дрога од Мексико во САД. На нејзината територија дејствуваат неколку криминални групи кои водат борба за превласт.
Според истражувањата, Сјудад Хуарес во 2010 година бил прогласен за град со најголем број злосторства во светот каде за една година убиени се 3.100 лица, но властите по 2010 година успеале значително да го намалат овој фрапантен податок.