Две деца зад себе остави магационерот на МВР, 44-годишниот Дончо Ѓ. од Скопје кој синоќа во семејна куќа во Волково, ги уби Елена В. (76) и нејзината ќерка Снежана В. (47), а потоа се самоубил.
Се верува дека убиството било испланирано најмалку неколку дена пред тоа да се случи. Во крвавиот поход користел пушка за која се истражува дали ја поседувал со дозвола или, пак, ја имал украдено од депото на МВР.
Според изјавите на соседите и на непосредните сведоци на трагедијата, вклучувајќи ги и комшиите на починатите кои седеле во дворовите, Дончо Ѓ. околу 19.10 часот влегол во куќата, по што се слушнала кратка врева, но и караница помеѓу Снежана В. и него.Тие од поодамна имале нарушени односи. Всушност, ќерката на Снежана која пред два месеца заминала да работи на брод, ја прекинала врската во која била со Дончо Ѓ. . Тој пак, бил уверен дека на нејзината одлука големо влијание имале нејзината баба и мајка, кои низа пати и велеле на младата девојка да ги прекине сите контакти со него, бидејќи можел да и биде татко.
По кратката расправија, во 19.25 часот Дончо ја вперил најпрво пушката кон Снежана. Ја застрелал во глава, а потоа нишанот го свртел кон бабата. Нејзе и пукал во градите. Потоа, излегол во семејниот двор, ја вперил пушката во глава и се самоубил.
Трите тела се на обдукција. Се чека ќерката на Снежана да се врати од странство, за да може таа и нејзините најблиски за последен пат да се простат од двете убиени жени, кои ќе бидат погребани на селските гробишта во Волково.