Управата за јавни приходи на својата веб страница ја објави првата листа на компании и граѓани кои на државата и должат парични износи по основ ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
На листата се имињата на физички лица и самостојни вршители на дејност на кои вкупниот износ на долгот им е повисок од 120.000 денари, како и на правни лица со долгови над 300.000 денари.Објавувањето на листата на должници ќе се прави еднаш месечно, најдоцна до 10 во месецот.
Доколку даночниот обврзник не се согласува со објавените податоци за долговите по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, може да се обрати до надлежната регионална дирекција на УЈП.
ЈП „Македонската радио телевизија“ должи над 36,5 милиони денари, односно 593.000 евра за данок на државата. Меѓу неплаќачите на данок е и Агенцијата за цивилно воздухопловство околу 122.000 евра.
Од јавните претпријатија должници се: ЈП „Македонски шуми“ со долг од 3,8 милиони евра, ЈП „Македонија пат“ (5,2 милиони евра) и „Комуналец“ од Гостивар (2,3 милиони евра). Јавното претпријатие „Улици и патишта – Скопје“ должи 49.000 евра, додека долгот на ЈП „Паркови и зеленило“ изнесува 24,5 илјади евра.
Над 900 граѓани ѝ должат на државата за неплатен данок околу 10,7 милиони евра. Најголем должник е приватно лице од Возарци, кое има неплатен персонален данок од над два милиона евра.
На листатата на УЈП се најдоа и 20-тина странски државјани, но и странски здруженија кои го помагаат земјоделскиот развој во земјава. Тие вкупно ѝ должат на државата околу 150.000 евра за неплатен данок.