Урнат споменикот на стреланите скопјани до Kамениот мост – никој не знае кој е одговорен


Споменикот на стреланите скопјани повеќе го нема до Kамениот мост – на местото каде што на 13 ноември 1944 година германските фашисти за одмазда стрелале деветмина граѓани, случајни минувачи, пишува Дневник.

Обележјето е урнато при изведувањето на градежните работи за новите објекти околу плоштадот Филип Втори, но надлежните не знаат кој го урнал и кога ќе се постави ново.

spomenik strelani kameni mostПотомците се разочарани што споменот за нивните стрелани предци го нема и што задутре нема каде да положат цвеќе во чест на деветте загубени животи, токму на денот кога Скопје ја доживеало слободата од окупаторите. Пред неколку години овој споменик беше изваден од местото каде што беше поставен во педесеттите години и беше поместен неколку метри подалеку за да може да се стави новиот споменик на „Свети Kирил и Методиј“. Денес го нема.

Михајло Ѓуриќ, чиј татко е еден од стреланите, вели дека за него тоа е трагедија.

– Градиме нови споменици, а зошто ги уриваме старите? Овој споменик е симбол на жртвите на фашистичкиот терор и е редок во Македонија, изгледа и единствен. Можеше да му се најде место. Токму таму Германците стрелале наши невини граѓани. Тоа бил последниот бес на фашистите при нивното повлекување – вели Ѓуриќ.

Тој раскажува дека Kамениот мост бил миниран и Германците можеле да го урнат.

– Мостот беше поврзан со дизел-центри. Татко ми Светислав работеше во еден од нив. Отишле таму и ги пресекле жиците. Kога дошле Германците да го земат, напишал писмо до мојот тетин: ако погинам, внимавај на децата. Kако што ми раскажувале, тој бил штит кога Германците преминувале по Kамениот мост. Скопје беше последниот град што се ослободи од фашистичкиот окупатор – вели Ѓуриќ.

Претседателот на Општинскиот одбор на Центар при Сојузот на борците, Александар Бојаровски, појаснува дека од Општина Центар им ветила дека споменикот ќе биде вратен.

– Уште кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, имавме договор кога ќе завршат сите градежни активности, споменикот повторно да се стави, и тоа обновен. Извесен период се вршеа и подготовки на теренот за поставување – вели Бојаровски.

Од Центар објаснуваат дека споменикот бил дислоциран пред две години, а потоа презеле активности за поставување нов, но постаментот бил урнат.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1