Делегација на Универзитетот за туризам и менаџмент предводена од Ректорот Проф. д-р Аце Миленковски, во својство на придружна членка, присуствува на 100-тата седница на Извршниот совет на Светската туристичка организација (UNWTO) во Ровињ, Република Хрватска.
На оваа јубилејна седница присуствуваат четириесетина делегации, со повеќе од 200 учесници на чело со Генералниот секретар на UNWTO, г-дин Талеб Рифаи, кој воедно е и Professor Honoris Causa на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
На седницата во Ровињ се дискутира за главните приоритети на организацијата во наредните две години, како и за понатамошниот развој на туристичкиот сектор во време кога растот и развојот на туризмот, продолжува и покрај многубројните предизвици.
На маргините на официјалната програма беа остварени средби со Генералниот секретар г-динот Рифаи, извршниот директор Марсио Фавиља, регионалниот директор на UNWTO за Европа, Изабел Гарања, при што беше потенцирана важноста на Универзитетот како дел од образовниот сектор во UNWTO, кој придонесува за растот и одржливиот развој на Светската туристичка организација, во рамките на перманентниот пораст на светската економија (2014/2013 4,7%)
Исто така, при средбата со Ректорот Џафар Џафаров од Азербејџанскиот Универзитет за туризам и менаџмент беше отворена и можноста за институционална соработка и договорена взаемна посета.
Делегацијата, во рамките на промотивните активности на планот на поддршката на стопанско-образовниот сегмент на Република Македонија, ги апострофираше и можностите кои ги овозможува кооперацијата при вакви средби на највисоко интернационално ниво, под патронат на Обединетите нации.