Ванчо Петрушевски загинал додека работел со електричен заварувач на својата викендичка


Со смртта на Ванчо Петрушески, Македонија загуби одличен актер и врвен глумец. Колегите се простуваат од него, а погребот ќе се изврши утре.

Како што потврдуваат од МВР, актерот загинал при работење со електричен заварувач на пластични цевки.

„На 25.08.2018 година било пријавено дека околу 13.20 часот во село Орешани, скопско, И.П.(67) од Скопје, додека работел качен на метална скала со електричен заварувач на пластични цевки, го удрило струен удар и истиот починал на местото на настанот. Извршен е увид. За настанот е известен Јавен обвинител“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Комеморацијата за актерот Ванчо Петрушевски кој почина вчера на 67 години, ќе се одржи во понеделник во 10 часот во неговиот матичен Драмски театар.

Неговите посмртни останки ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел, а потоа ќе биде погребот.

Петрушевски е роден на 19 април 1951 година во Скопје. Завршил Висока музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје, а во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Во матичниот Драмски театар се пензионираше во 2016 година, но беше активен на сцената и последниве години. Меѓу неговите последни улоги е во претставата „Буре барут“ во режија на Сашо Миленковски.
Петрушевски е познат по улогите во голем број на ТВ- емисии, радио драми, филмови, претстави, какo: Македонски народни приказни, „Хихирику“, „Ангели на отпад“, „Трст виа Скопје“, „Среќна Нова ‘ 49“, „Трето доба“, „Диво месо“, „Грев или Шприцер“, „Солунски патрдии“, „Опстанок“, „Пресуда“.

Петрушевски во богатата кариера ги има добиено наградите: „Димче Трајковски“ за епизодна улога на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за ликот на Јаков во претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, најпопуларно ТВ лице според веснокот „Вечер“ за 1987 година, награда за најдобро актерско остварување на филмот и телевизијата според анкета на ревијата „Екран“, награда на „Војдан Чернодрински“ за улогата на Јанко во „Собирен центар“ од Ковачевиќ, како и државната награда „23 Октомври“ за остварување во областа на културата и уметноста во 2016 година.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1