Василичарите одат кај луѓе што знаат да се шегуваат


Големиот православен празник „Свети Василиј“, денеска се празнува меѓу народот познат како Василица или Стара нова година.

vevcaniВасиличарите правеле голема врева со пеење, свирење, играње, потоа со тропање и ѕвечење, а сето тоа со цел да се избркаат лошите духови за кои се мисли дека особено во овие Некрстени денови ги има многу по селата. Овој прастар пагански обичај претставува и показ на најпримитивните народни сфаќања од епохата на преткласното општество и од времето на раниот феудализам.

Во василичарските тајфи најчесто одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Најпрвин од групата се избираат тројца што ќе ги играат улогите на зет, невеста и гатач. Гатачот треба да е човек што знае добро да зборува и да е авторитетен меѓу василичарите зашто тој ја раководи целата церемонија. Невестата, всушност е машко облечено во невестинска облека, со кошула, клашеник, со скутник, опашана со појас, забулена со шамија итн. токму како што и прилега на вистинска невеста. Зетот кој уште се вика и валегач, зашто често се тркала (се валега) по земјата, исто така е маскиран.

vevcani1На грбот е исполнет со слама за да изгледа грбав и кога ќе го удираат со стаповите да не го боли. На вратот носи голем ѕвонец или клопотарец и често оди четириношки, се влече или се тркала по земјата. Овие веселби редовно биле придружени со музика, најчесто од гајда, зашто во овој крај во минатото гајдата била најчесто користен музички инструмент. Се собираат на некое пошироко место, најчесто на средсело каде што на празниците се игра оро и тука палат оган. Огнот го палат со слама собирана од плевните или со дрва собирани по плотовите низ селото или пак некаде крадени. Се случувало некому да му ја изгорат и колата или некој друг земјоделски алат. Особено се гледа огнот да биде што посилен, пламенот повисок.

 Тука, играјќи и пеејќи околу огнот како и прескокнувајќи го, остануваат додека не се соберат сите. Потоа се маскираат ставајќи си мустаќи и брада од коноп или волна и тргнуваат низ селото при што од куќа на куќа одат по сите куќи. Одејќи низ селото ја пееле песната: „Отвори Мато вратата/ да не ти влезам в темнина.“ Сите носат стапови и кога ќе дојдат пред куќата тропаат на портата.

Во тоа време додека тие тропаат гатачот почнува да гата: Очкрапи, чкрапи домаќине, од далеку идеме – далеку ќе си ојме. Не сме лоши луѓе, домаќине, да видиш што носиме, една лика прилика, скопска мандија, велешка кумрија, газот ќе ти грепчит домаќине! Колку клинци на вратана – толку синци во куќава! Колку ветки на сливана – толку ќерки во куќава!

vevcan6

Потоа се обраќал на василичарите: – Викајте момци, да го разбудиме домаќинот! Заспал домаќинот! И тие сите во еден глас викале: -Амин! Амин! И в година, и в година! – И ја пееле песната „Отвори Мато вратата“.

Гатачот уште гатал: – Отвори, домаќине, удри кучка по слабина, да ти мочнит киселина, да набериш среде зима коприви, да направиш салатица, да пречекаш војска од Црна Арапина! Откако домаќинот ќе им ја отворел вратата веднаш по влегувањето заигрувале оро по мелодијата на гајдата. Зетот, (валегачот) веднаш ќе паднел на подот преправајќи се дека е мртов.

Тогаш гатачот му се обраќал на домаќинот: – Еј, домаќине, лоши очи си имал. Што не погледна во ноктите, туку погледна во зетов го урочи, од што е убав, брез како пес, мазен како еж, бел како бијол. Тебе умот ти е во невестава зашто е убава и дотерана, сакаш да ја штипниш за г…т, ама ние не ја даваме, носиме чукала, ќе ја браниме. Еј домаќине, сега ќе стани зетов. Ко ќе стани Сатеска рачка, езерото маст и сирење, Мешеишко Поле – тава, Корошишка Краста – јајца, ќе му пржиме, ќе го раниме и ќе стани. А потоа ќе додадел.

– И ние ќе му пржиме, и тој ќе јаде! Јас со рака, Господ со мака, јас со брич, Господ со пришт. Не плаши се, домаќине, ќе стане. Главата домаќине ќе им ја дајме на девојкине за шутка, да си ги вапцувет предената. И ние ќе им дајме и тие ќе ги вапцувет, ќе им е..м мајката нивна. Очите ќе им ги дајме на девојките за наочари да им се гледа ко ќе везат кошули и клашенци срмени. Забите ќе им дајме на водејнчарите за чеканчиња, да си ги клепаат камењата, што им мелат жито. И ние ќе им дајме и тие ќе ги клепаат, ќе им е..м мајката нивна. Сплината ќе им е дајме на јунаците да е носат како машна околу гуша. Ако имет машна ќе носат, ако не ветрот ќе ги вее. Цревата ќе им ги дајме на граѓанките за сиџим, да си ги обесуваат гаќите. Ако имет сиџим, ако си купиле, ќе си ги обесат, ако не така в ќош ќе им стојат и ќе им скапат.

vevcani5

Не бој се домаќине ќе стане. Г…т ќе го дајме на воденичарон за циун на буката да си го клајт, да му мелит водејнцата поубо. Ако има циун ќе клајт, ако не ветрот ќе го вејт. К…т ќе му го дајме на воденичарон за лост, каменон да си го крева за клепање. И ние ќе му го дајме и тој ќе го крева ако нема дрво, ќе му е..м мајката. Нозете ќе му ги дајме на воденичарон за скала да си направи, на кошот да се поткачува, за жито да тура. Ако нема дрво ветрот ќе го вее, што ќе направи скала од нозе. Не бој се домаќине, ќе стане. Ај мори невесто тури му една врела вода да го личиме, да го бричиме, да го напрајме бел како бијол, мазен како еж.

Потоа му се обраќал на валегачот: – Ај стани, е..ти мајката. Потоа и се обраќал на невестата:  – Ајде мори невесто да му бациш рака на домаќинов, да заиграме едно оро. Потоа сите се фаќале на оро и пееле: Оро, оро ориште, на бабино буниште баба најде чешлиште, си исчеша п……е, му до даде дедое, си исчеша к…..е. Гатачот пак и се обраќал на невестата: – Ајде мори невесто, баци му рака на домаќинов, да ти даде една пара, да ти купиме трепетулки – шерпетулки, јас и тој да ти го шупниме.

Потоа им се обраќал на василичарите: – Викајте момци, и в година, и в година! И сите викале, пееле и се веселеле. Откако ќе завршеле домаќинот ги дарувал со разни подароци: месо, ракија, вино, леб, грав, пиперки и др. Кога ги примал подароците гатачот благословувал: – Колку трна претрна, толку амбари пчејнца! Колку капки сланина,  толку прасци в кочина!

На секој благослов сите василичари викале: -Амин! На тоа гатачот им одговарал: – Еб..и газот бабин! Потоа поминувале во друга куќа каде што се повторувала истата церемонија. Поради тоа што, како што се виде, биле доста непристојни во однесувањето некаде не ги пуштале да влезат во куќата туку домаќинот излегувал пред врата и ги дарувал.

За тоа време во дворот од куќата играле и пееле, благословувале на ист начин, потоа ги примале подароците и оделе натаму. Таму пак, каде што на василичарите не ќе им даделе никакви подароци правеле некоја пакост, некоја штета, најчесто колата им ја завртувале наопаку, со ражништата закачени во земјата и со тркалата нагоре. Притоа викале:

– Кој не ни дава, умот да му се врти како колцава од колава!

И така тоа траело додека не ги поминеле сите куќи. Се водело сметка две василичарски тајфи да не се сретнат зашто во тој случај доаѓало до тепачки во кои имало повредени, па дури и мртви.

Ако две или повеќе села заеднички го изведувале обичајот тогаш василичарите оделе во сите села од каде што имало учесници во дружината. Кога ќе ги обиколеле сите куќи се собирале на едно место, во некоја куќа или пак во црковните простории и од собраните подароци правеле обилна гозба. Преку целиот ден се играло и се пеело. Се случувало многумина да се испијанат. Тоа што ќе останело го продавале, а парите или ги давале на црквата или ги користеле за некоја заедничка потреба.

Подготви др.Марко Китевски

Извор: МИА

фото – Мкд.мк

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1