Велика Среда, денот кога Јуда го извршил предавството


На Велика Среда се одбележуваат три значајни настани: Последното претсмртно помазание на Господа, Заговорот на јудејците за да го убијат и Јудиното предавство на Христа за триесет сребреници.

И на Велика Среда се читаат библиските текстови кои се во контекст со претходните денови и во врска со настаните од денот (на Утрената:Јован 12,17-50; на Литургијата: Матеј 26,6-16). Последното претсмртно помазание на Господа Христос е помазан со миро во Витанија (Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Лука 7,37-50; Јован 12,1-8).

Според евангелските сведоштва, Господ Исус Христос и апостолите ноќта ја поминале „во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот“ (Матеј 26,6). Во Евангелието, коешто се чита на Предосветената Литургија (Матеј 26,6-16), се вели дека токму на тој ден некоја жена излила миро врз главата на Господа Исуса Христа (Матеј 26,7). Со тоа, таа Него Го подготвила за погребение, како што рекол и Самиот Он (Јован 12,7).

На Исток, помазувањето со миро било позната работа. Тоа се правело на значајни личности (на цареви и првосвештеници) или, пак, кога во домовите на побогатите ќе дојдел значаен гостин, кој бил особено почитуван и уважуван – и тој бил помазуван. Обично, при помазувањето, ја помазувале косата на главата, челото, лицето и брадата, а кога сакале кон некого да покажат исклучителна почит, му ги помазувале и нозете.

Освен ова помазание, Евреите имале востановен обичај да ги помазуваат со мириси и телата на упокоените при погребувањето.

На Велика среда во некои краеви почнуваат да ги фарбаат велигденските јајца.

На овој ден се забранува перење, пиење, веселба.

Не треба да се работат тешки работи по дома.

Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера.

Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.

Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).

Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,19-20; Матеј 9,15).

Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.

На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија.

На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.

Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.

 

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1