На пет километри над преспанското село Сливница, под падините на Баба планина, се наоѓа манастирската црква Света Богородица, позната како Сливничкиот или како Слимничкиот манастир (порано селото се викало Слимница, а сега е прекрстено во Сливница и така и манастирот има две имиња на препознавање).
Изградена е во 1607, а доградена во 1612 година. Од тој период потекнува и живописот во храмот како и дрвениот иконостас со престолните икони, царските двери и големиот крст. Конаците се изградени при крајот на 17. век, а на два пати биле опожарени (1921 и 1942 година), а дел од конаците обновени во 1987 година.
Манастирот бил центар од кој се управувале сите манастири и цркви во Преспа, а располагал со многу голем имот кој се протегал дури до Претор, Курбиново, Грнчари, имале имот во Долно Дупени, дури и во Цапари, Сопотско, во село Раби, маслинови гори во Елбасан Албанија и два дуќани во Битола.
Главен иницијатор за изградба бил извесен битолчанец Михаило Петков, кој има болно дете (насликано на една фреска), и за негово оздравување го почнал манастирот со 9.000 гроша, додека неговиот брат Грујо дал 1.000 гроша, но дале и луѓето од селото Сливница, од другите преспански села и дури од егејскиот дел. Бил опколен многу густа шума, и со згради од кои се влегувало низ две големи и две помали порти.
Грците, владиката од Охрид, пред појавата на егзархијата манастирот им го давал на управување на луѓе кои повеќе краделе отколку што стопанисувале.
Во тоа време во манастирот се наоѓала најголемата библиотека, но грчкиот владика наредил да се запали се, зошто било на славјански, и палењето траело цела недела, на три огнови. Во манастирот имало и училиште во кое учеле деца од околните села.
Денеска клучот го поседуваат неколкумина од селото, го даваат на сите добронамерници, одат многу луѓе, а се верува дека водата од изворот им помага на жените кои немаат деца да најдат лек и да за забременат.
Некои луѓе тврдат дека неколку пати тука на сред бел ден ја виделе Пресвета Богородица, која им се појавувала од време на време.
Инаку, во Сливница има неколу манастири, меѓу кои најдолу на главниот пат и Свети Атанас, кој исто така чека реконструкција.
Треба реконструкција, но селаните не се согласуваат зошто тие нашле донација од над 20.000 евра, а луѓето од дијаспората, најавиле собирање на уште околу 5.000 долари, но сакале сите нивни имиња да се испишани на црквата.
– Едната рака да даде, ама другата да не види. Ова останало како завет, кога се гради нешто свето, црква, манастир, крст, чешма, или друг верски објект, или кога се дарува некому нешто во неволја, кога се помага хуманитарно, па дури и кога се дарува од ќејф. За жал, во денешно време ова не се почитува. Секој сака да си направи реклама или ЕПП преку донирање во црквата.
Треба да има архивски записи кој, кога, колку дал, но само за наша архива. Гурбетџиите, односно Македонците кои живеат во туѓина, сакаат да донираат и за секоја нивна скромна донација бараат сите тие да бидат испишани со име и презиме. ние не дозволуваме црквата да ни личи на телефонски именик, ни рече човек од Сливница.