Човекот за кој се верува дека е најстар жител на Горни Милановац, соседна Србија, наполнил 100 години и вели дека за долгиот живот најмногу и е благодарен на умереноста во се и – секојдневна чашка лута ракија.
За датумот на раѓање не е сигурен, но во изводот му пишува дека на 2 јануари 1915 година се родил во село Горни Бранетиќ, на падините на Сувобор.
Тогаш свештениците во книгата на родени запишувале по стариот, јулијански календар, па значи дека денеска му е роденден.
Како што изјавил за Бета агенцијата, се сеќава дека родителите му говореле дека е роден околу Нова година, во времето на Правта светска војна, кога од домовите не можело да се излегува од „силните пукотници од сите оружја“.
„Не се пукало бидејќи сум се родил, туку поради тоа што на ова подрачје во тој период се водела Сувоборска битка, а се бореа нашите и Швабите. Сега се чуствувам гордо што доживеав да се прослави стогодишница на оваа голема борба во која Србоите победиле“, раскажува Лесо Радонјиќ.
Додал дека во животот доста се намачил, дека најдобро му било во времето на Тито, но во се бил умерен, и затоа дочекал длабока старост. Имал три деца од кои му е жива најмладата ќерка Милица која сега има 70 години и се грижи за татко си.
Неговите потомци, внуци и правнуци, неговиот стоти роденден го прославиле во кафана на 2 јануари – по новиот календар, бидејќи по повод новогодишните празници, се собрале бројните роднини и пријатели.
„Веќе 50 години сум во пензија, и сигурно пензискиот фонд секој ден чека кога ќе престане да ми плаќа. Но никој не умрел на туѓ ден, па нема ни јас“, рекол старецот.
Тој вели дека здравјето му е добро, доста пешачи за своите години, а единствен проблем му е што послабо слуша. Вели дека не зема никакви лекови „освен по една чашка лута сливова ракија која е благотворна, но никако не треба да се опивате“.