Дел од околу 200.000 жители на Калифорнија, кои биле евакуирани поради четирите големи пожари кои беснеат во оваа американска сојузна држава, добиле дозвола да се вратат во домовите, а опасноста од огнената стихија ќе трае до недела, судејќи по најавените временски прилики.
Се наведува дека гори подрачјето од Лос Анџелес покрај пацифичкиот брег се до округот Санта Барбара.
Во пожарите досега биле уништени околу 150 куќи, а зафатени се огромни површини.
Фотографиите и видео снимките поставени на социјалните мрежи најдобро говорат за размерите на оваа катастрофа. На речиси сите може да се види “дека горат и небото и земјата”.
На некои од најпрометните сообраќајници речиси и да е невозможно да се вози бидејќи огнот е насекаде, поради што некои автопати се затворени.
Прв пат била наредена евакуација во округот Санта Барбара, а дел од автопатот меѓу Санта Барбара и Вентура се затвора периодично поради налетите на оган преку патеките на автопатот.
Околу 300 жители на крајбрежниот град Карпинтерија вчера добиле наредба да го напуштат градот пред зори, додека пожарните борби се одвиваат на само неколку километри од самиот град.
Претходно мирните ветрови им помагале на пожарните екипи на теренот успешно да одбранат едно одморалиште, каде 7.000 жители исто така добиле наредба да се евакуираат.
Националната метеоролошка служба соопштила дека се очекуваат опасни налети на ветер, но дека пожарите нема да достигнат историски пропорции, како што претходно се очекувало.