Видео/Фото: Газење, тепање – трк купувај – шопинг манија во Америка


На своите места, спреми се, купувај! – почнува сезоната на попусти во САД, еве како изгледа кога 150 милиони американци ќе тргнат во шопинг.  

Во САД од денеска почнува божиќната шопинг сезона. Со традиционалното отворање на продавниците на Црниот петок, по Денот на благодарноста, милиони Американци ќе имаат шанса да купат облека, електроника или компјутерска техника по многу пониски цени од вообичаеното, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Денот на благодарноста, кој се паѓа во четвртиот четврток во ноември е ден за одмор со семејството, но затоа следниот ден, познат како Црниот петок, е апсолутно најважниот ден за купување во САД. Единствен друг ден кој може да се мери со Црниот петок е викендот пред Божиќ. Се проценува дека минатата година 200 милиони Американци потрошиле над 50 милијарди долари во текот на Црниот петок и викендот што следи по него.
Вообичаено продавниците отвораат во шест часот наутро на Црниот петок, предизвикувајќи редици на купувачи кои преку целата ноќ чекаат да бидат меѓу првите кои ќе влезат во продавниците, каде производите се на попуст, но и со ограничени количества.

Неколку десетици луѓе чекаа во ред, многумина од нив со шатори, да дојде полноќ кога беше најавено отворање на продавницата.
Продавницата на синџирот „Таргет“, во истиот центар, имаше многу поголем ред, но и порано време на отворање. Неколку стотици луѓе чекаа до 9 часот, а менаџментот имаше ангажирано и обезбедување, но и редовна полиција. Вратите на големиот „Таргет“ се отворија точно во 9 часот, а обезбедувањето повеќе пати им објаснуваше на купувачите како да се движат, за да се избегне создавање на стампедо.

Низ годините, разните трговски синџири терминот на отворање на продавниците го поместуваат се порано и порано во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот, за минатата година за првпат повеќе големи трговски синџири како „Бест Бај“ и „Таргет“ да решат да ги отворат продавниците на полноќ.
Оваа година терминот е поместен уште порано, во вечерните часови на Денот на благодарноста, што веројатно ќе означи и крај на целоноќните редици пред продавниците за време на кои честопати избиваа и тепачки за да се фати подобро место.


Традицијата на празнување на Денот на благодарноста трае од 1863 година. Празникот се поврзува со првите доселеници во САД, во колонијата Плимут во Масачусетс, кога англиските доселеници и домородното население заедно ја празнувале жетвата. Празникот е ден кога треба да му се оддаде благодарност на Господ, според указот на претседателот Абрахам Линколн од 1863 година, за време на Граѓанската војна во САД.

Од 60-те години на минатиот век овој празник се поврзува со почетокот на масовните попусти и големата празнична шопинг сезона. Во последната деценија празничниот шопинг се сели на интернет, а синџирите ги повикуваат купувачите да ги следат нивните интернет страници за попусти за одреден производ кои траат по неколку часа или еден ден

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1