ВИДЕО: Македонската компанија Њу Момент добитник на „Канскиот лав“


Спотот симболично наречен „10 метри одвоени – Ден на заедничка молитва“, на македонската агенција „Њу момент“ од Скопје е добитник на „Канскиот лав“ (Cannes Lions) во категоријата „Титаниум – интегрирана кампања“. Ова е првпат ваква висока награда од канскиот фестивал да биде доделена на некоја држава од Балканот.

Маркетиншкиот „Оскар“, односно „Канскиот лав“, во Скопје го носат Сашо Пешев, генерален директор и партнер на агенцијата и Душан Дракалски, регионалниот креативен директор на „Њу момент“, кои вчеравечер се качија на победничката сцена во Кан, заедно со лауреатите од останатите 16 категории.

kan– Се потврди дека за еден сон да стане стварност, потребно е доволно долго да се сонува и многу напорно да се работи. Со оваа награда потврдуваме дека Македонија има вонсериски креативци и големи потенцијали, на кои доколку им се даде вистинската шанса, можат да се борат и да ги победуваат и најкреативните и најдобро платените во светот – вели Пешев.

Во регион како Балканот, исполнет со војни, омраза и нетолеранција, спотот го покажува вистинскиот напор на Христијаните и Муслиманите во Македонија да се доближат едни до други, вистински да се запознаат и да се разберат. Во релативно контроверзната тема на истовремено, заедничко верско молење на поповите и на оџите, меѓународното жири во Кан препозна идеја на која ѝ додели една од највисоките награди во светската индустрија на маркетингот.

– Шансата за освојување „Лав“ е 1:37000, повеќе шанса има гром да Ве удри. Но, пораката на оваа кампања е моќна, ова е нашиот придонес кон толеранцијата во нашата земја. Вистински луѓе направија реален чекор кон мир, разбирање, почитување едни кон други. Светот ја препозна тежината на овој гест и силината што спотот ја соддржи – изјави Дракалски.

Канскиот фестивал на креативноста е најголемиот собир на адвертајзингот во светот. Оваа година 11.000 акредитирани делегати од 100 земји ги следеа резултатите од маркетинг-кампањите од целиот свет, а меѓународното експертско жири оценуваше во 17 категории во кои беа пријавени повеќе од 37.000 креативни решенија, на 4.000 компании од маркетинг-индустријата.

Ова е прв „Кански лав“ за агенцијата „Њу момент“, која е вреднувана како една од најкреативните агенции на подрачјето на Југоисточна Европа и која во своето портфолио веќе брои 70 меѓународни награди. Највиското меѓународно признание „Њу момент“ од Македонија оваа година ќе го прослави заедно со својот 20 роденден.

Спотот „10 метри одвоени“ е дел од пошироката кампања споведена од Генералниот секретријат на Владата на Република Македонија за соживот и за религиска толеранција, која во земјава ја реализираа неколку маркетинг-агенции, соопшти Њу момент.

Еве ги кратката и долгата верзија на наградениот спот.

Ekonomski.mk


Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1