Во пресрет на големото финале на Х фактор Адриа, Нетпрес го посети Мислешево, родното место на Даниел Кајмакоски, кој е еден од петте финалисти на ова музичко шоу. Финалето ќе се случи во Комбанк арената во Белград на 23 март во недела. Кајмакоски важи за фаворит, но дали ќе победи, останува да видиме.
Жителите на Мислешево се горди на Кајмакоски и во голем број ќе појдат во Белград за да му дадат поддршка. Кога се емитуваше Х фактор Адриа, во кафулето „Арена“ беше како на фудбалски натпревар. Организирано гледаа и навиваа за негов успех.
Даниел Кајмакоски, од Мислешево си заминал на шестгодишна возраст. Заедно со неговите родители и двајца браќа живеат во Виена. Во родното место се останати само неговата вујна и двајцата братучеди. Неговиот вујко, на кого Даниел наликува исто така е во Виена.Приказната за него ја раскажа токму Даниела, неговата вујна.
„Поради егзистенција на неговото семејство, заминаа во Виена, Австрија.Но, секој зимски одмор, Нова година, на лето, Велигден тие си доаѓаат. Даниел посебно е сврзан за Македонија, тој тука сака да работи,“ изјави Данијела.
Иако најголемиот триумф Даниел го имаше на Х фактор Адриа, ова е негов трет обид за градење на музичка кариера.Во Виена работел како менаџер за градежни работници, но отсекогаш мислите му биле во музиката. На Х Фактор го пријавил неговиот другар Тони. Дека навистина ја сака музиката, говори и фактот што пред неколку години три месеци свирел и пеел во хотел во Турција.
„Отсекогаш бил скормен, добродушен и таков каков што е на телевизија. Беше многу темпераментно емотивно и љубопитно дете. Ако го прашавте нешто, ќе одговореше со пеење, со музика, свиркање. Секогаш беше весел и расположен.Беше доста немирeн и уште е детинест. Ако беше поставено прашањето Даниел зошто не бараш работа, зошто не работиш одговорот беше дека на работа и дома е пензионерски, зошто на тој начин си го оцртал својот живот. Преку музиката откриваше нешто ново за себе и за животот,“ објаснува Данијела.
На лето кога доаѓа во Мислешево, времето го поминува на плажа, навечер пак се собираат со друштво во неговата куќа, каде што свири и пее. Се дружи со другарите кои ги има во Мислешево, Струга и Скопје.
Неговото семејство открива дека Даниел моментно нема девојка, а кај нив ја цени искреноста и природното однесување.
„Даниел е многу чувствителен. Кога сака, сака од срце. Ако си верен и искрен спрема него, тој двапати спрема вас. Моментно е слободен дечко, нема девојка. Кај девојките секогаш ја ценел искреноста и природното,“ додава Данијела.