(ВИДЕО) Најскапиот зачин во светот и во Македонија


Виолетов цвет со прекрасен мирис и декорација на почвата. Вака изгледа шафранот кога цвета од крајот на септември до почетокот на декември. Но, тука само започнува приказната, која продолжува за неговото значење. Тој е најскапиот зачин во светот. Неговата цена е астрономска и се движи до 30.000 евра за килограм. Најдобриот шафран се произведува во областа Гатине, на југоисток од Париз, а го има и во француската област Аквитанија, во шпанската Ла Манча, во Пакистан, Грција, Иран, Мароко. Уште во античките времиња се користел како колорант зашто има неверојатна способност да обои 100.000 пати повеќе од својот волумен. Важи за лек што помага при варењето, но најважно е што има посебен, извонреден вкус, па на јадењата им дава посебност како ниеден друг зачин.safran

Шафранот е познат од дамнина, а почнал да се одгледува уште во 7. век во Кина. Во Европа шафранот стигнал преку Шпанија во 10. век, а го донеле Арапите.

Македонија е погодна за одгледување на шафран.

Благоја Крстевски меѓу првите лица кај нас кој започна да одгледува шафран, и тоа во демирхисарското село Слоешница. Тој еден дел од годината поминува во Македонија, а останатиот со своето семејство во Швајцарија, во Луцерн.

„Во една пригода пред десетина години во еден ресторан во Швајцарија, во кантонот Валис, ми дадоа да пробам локален специјалитет „рижото со шафран”, кој беше толку вкусен, што веднаш почнав да се интересирам за шафранот и дознав дека таму, во непосредна близина, има насад на површина од еден хектар и барав начин како да го донесам во Македонија”, раскажува Благоја.

Дивиот шафран го има и во Македонија, на големи пространства. Крстевски смета дека регионот на Повардарието, а посебно Тиквешијата, се погодни за огледување на оваа високодоходовна култура. Инаку, шафранот, кој уште го нарекуваат мирудија на кралевите, издржува ниски температури до минус 20 Целзиусови степени. Сака оцедни површини на кои има варовничка почва. Она што е карактеристично за него е дека не бара наводнување.1saf

„Моја препорака е да се започне со посериозно производство на шафран кај нас, затоа што е култура која е доходовна и трудо-интензивна. Доколку се започне со сериозно производство, ќе ги заживее руралните средини, затоа што со релативно мала површина од неколку декари може да живее едно просечно семејство во руралните средини и она што е, исто така, полезно е тоа што не бара посебни услови во однос на почвата и механизацијата. Од работни операции потребни се плевење и берење”, потенцира Крстевски.

Шафранот има обратен животен циклус од останатите растенија. Напролет го снемува, во летото е во хибернација, а со првите есенски дождови во септември се појавува. Во зависност од врнежите и температурата, почнува да цвета три недели по никнувањето и тоа во октомври и ноември.

Крстевски за „Моја земја” ја откри својата тајна на одгледување на шафран. Тој вели дека за насад на еден декар површина потребни се околу 10.000 луковици и во наредниот период од три години, бидејќи е триплодно растение, ќе се размножат на 100.000 луковици. Четвртата година е најродна, а во петтата година треба да се смени парцелата и луковиците да се пресадат на нова локација.

„Приносот зависи од тоа колку растенија имаме. За да се добие еден килограм шафран, потребни се околу 150 000 цветови. Всушност, шафранот е толчникот на цветот на растението и се собираат само црвените толчници кои се сушат на температура од 40 до 50 Целзиусови степени без ветер, во сушилница, во период од еден ден. Сушењето на сонце не се препорачува затоа што сончевите зраци штетно влијаат на аромата на шафранот”, објаснува Крстевски.

По процесот на сушење, шафранот се складира на темно и суво место. Најдобро е тоа да се направи во херметички затворени стаклени тегли. Трајноста на вака добро складиран шафран може да биде до седум години. Согласно шпанската скала на одредување на квалитетот на шафран, Благоја вели дека шафранот произведен во Слоешница е втора класа со потенцијал да биде прва класа.

1 кг шафран поскап од 1 кг суво злато

Цената на светскиот пазар варира од година во година, а моменталната цена е 20.000 евра за прва класа и 16.000 евра за втора класа за еден килограм шафран. „Во некои години цената за прва класа достигнува и до 30.000 евра за еден килограм и е единствен земјоделски производ од којшто еден килограм е поскап од еден килограм суво злато”, посочи Крстевски. Причина за високата цена на шафранот е континуираниот недостиг од него на светскиот пазар. Главен производител во светот со над 90% е Иран.

Извор: ffrm.org.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1