Одделот за сузбување на организиран и сериозен криминал, постапувајќи по Наредби издадени од страна на Судија на претходна постапка, изврши претрес на дом и други простории во четири објекти, од кои еден на подрачјето на Тетово и три објекти на подрачје на Струга и приведени се четири лица македонски државјани, од кои тројца се полициски службеници.
Овие активности се резултат на истрагата по случајот за којшто претходно веќе е поднесена кривична пријава на 20.12. минатата година, против петмина членови на криминална група (А.Г. З.С. В.М. З.А. и Б.Ж), која во угостителскиот објект “Бели 9“ (сопственост на А.Г.) на подрачјето на Тетово, незаконито вработувала странски државјанки, кои не биле пријавени и здравствено и социјално осигурани, за сторени кривични дела – “организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“ и “криумчарење на мигранти“. Притоа беа откриени 25 странски државјанки на кои им беше одредена мерка “забрана за влез во РМ“.
Сега, дополнително кривично се пријавени уште четири лица македонски државјани од подрачјето на Струга и Тетово. Имено, кривично пријавени се лицата: А.И. (35) за сторено кривично дело – “организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“, А.Б. (33) за сторени кривични дела – “криумчарење на мигранти“, потоа “организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“и “злоупотреба на службената положба и овластување“ и Н.Д. (30) за сторено кривично дело – “злоупотреба на службената положба и овластување“. Исто така и за лицето Б.Ч. (43) е поднесена кривична пријава до ОЈО Струга за сторено кривично дело – “злоупотреба на службена положба и овластување“.
Пријавените делото го сториле на тој начин што, од страна на претходно пријавениот А.Г., со цел регулирање на престојот на албанската државјанка која нелегално работела во неговиот угостителски објект на подрачјето на Тетово, преку полицискиот службеник А.Б. кој работел на ГП Ќафасан, било организирано ставање на влезен печат на ПИ на албанската државјанка, без нејзино присуство. За истото, од страна на А.Г. биле ангажирани лицата З.С. и И.А. кои со возило оствариле излез преку ГП Ќафасан, а веднаш потоа оствариле и влез преку истиот граничен премин, при што на влез, покрај сопствените патни исправи, била приложена и ПИ на албанската државјанка, на која од страна на полицискиот службеник Н.Д., бил ставен влезен печат, иако истата не била на лице место. Од страна на А.Г., исто така била побарана “услуга“ од пријавениот А.Б., да изврши проверки во системот за гранична контрола на остварен влез-излез од Р.Македнија, за трето лице, со што А.Б. извршил кривично дело – “злоупотреба на службената положба и овластувања“, односно извршил пречекорување на границите на своето службено овластување.
Лицето Б.Ч., пак, согласно своите овластувања, а по барање на трето лице, извршил проверки во службените евиденции на МВР (Регистар) за лица за кои има распишано потерници, со што направил пречекорување на границите на своето службено овластување, а со тоа сторил кривично дело – “злоупотреба на службената положба и овластувања“. Во текот на денови четворицата приведени ќе бидат предадени на надлежните Јавни Обвинителства