Канадската полиција трага по 70-годишниот Борис Пановски поради сомневање дека го убил својот колега Донат Фриго (70) од Торонто. Се шпекулира дека тој побегнал од Канада, како негово можно скривалиште се спомнуваат Куба, Карибите, Македонија и Хрватска, но засега нема потврда на ваквите шпекулации, пишува Утрински.
Канадските, како и медиумите од нашиот регион, со голем интерес го следат случајот. Според весниците во Торонто, причина за убиството е кавга поради пес што добил награда на натпревар за кучиња. Пановски, наводно, на Фриго му го продал расниот птичар Силвер, кој, пак потоа станал голем шампион, добивал и парични награди. Од друга страна, нашинецот, кој бил професионален дресер на кучиња, се соочувал со банкрот, па дури и со развод од својата сопруга.
Злосторството се случило во гратчето Клинтон во близина на Торонто кога Пановски го сретнал својот колега Донат. Пукал кон него и неговата сопруга, која успеала да побегне.
-Соседите раскажуваат дека последен пат го виделе Пановски претходната сабота, односно четири дена пред полицијата да тропне на неговата врата. Носел шорцеви, сандали и бела маичка. Немал багаж со себе, но заминал со автомобилот „тојота“. Од тамошната полиција, како што пренесуваат весниците во Торонто, се сомневаат дека „заминал некаде каде што добро го познава теренот“. Загрепските медиуми пишуваат дека Пановски најверојатно побегнал во Хрватска или во Македонија. Но, негови пријатели тврдат дека тој многу ретко патувал во Европа, само еднаш во последните десетина години, пишува Утрински.
„По два-три пати годишно одеше во Куба за да побегне од студот овде, а знаеше да отпатува и на Карибите“, тврдат пријателите.
Полицијата се сомнева дека Пановски е вооружен. Бара помош од граѓаните и апелираат тој што има какви било информации да се јави во најблиската станица. Канаѓанецот со македонско потекло и порано бил во конфликт со законите. Медиумите пишуваат дека во американската држава Џорџија, на една келнерка и’ понудил пари во замена за секс, а потоа недолично се однесувал кон неа на паркингот. Поради тоа бил уапсен, а благодарение на нечистото полициско досие, му било забранувано да учествува на натпревари за кучиња. Од тогаш и’ започнале несогласувањето со Фриго, кои завршија трагично.