Престон Бриџ, имал само 16 години, кога се фрлил од балкон од зграда, под дејство на синтетички дроги. Неговиот татко, Род Бриџ, одлучил да им се одмазди на дилерите, па се инфилтрирал во кинеската нарко мафија. Се претставил како дилер од Австралија, кој сака да купи големи количини на синтетичка верзија на LSD, дрога позната под името “25i-NBOMe”, која го убила неговиот син.
Неверојатната приказна за храброста на овој човек завршила како специјал во престижната австралиска емисија “60 минути”.
Дрогата која неговиот син ја консумирал, на организмот делува 60 пати посилно од “LSD”. Многу е опасна, а полицијата вели дека во Австралија ја има насекаде.
„Престон халуцинирал во хотелската соба и бил уверен дека може да лета. Тој не паднал од балконот, тој се залетал и скокнал”, ја опишал Род смртта на својот син.
Откако малку се опоравил од шокот, Род Бриџ започнал приватна истрага, барајќи правда. Таа го одвела во најопасните квартови во Кина, каде се сретнал со произведувачи на смртоносни дроги. Вооружен со скриени камери, ги снимил сите.
За една кесичка дрога, кинеските дилери од Род барале околу 6.500 долари. Кога е дистрибуирана, килограм од оваа друга на пазарот достигнува вредност од околу милион австралиски долари, што е околу 884.000 евра.
„Единствената работа поради која без загрижен е дали ќе имам доволно пари. Кога станува збор за синтетичките дроги, тие во Австралија доаѓаат како цунами. Некој на тоа мора да стави крај”, рекол Род. Сите материјали кои го собрал, го доставил до полицијата во Кина и Австралија. Започнала истрага, а биле уапсени и неколку лица.