Викендов ќе се разговара за целосно отворање на границите, без тестови и карантин


За време на викендов ќе се разговара за целосно отворање на границите односно за слободен проток на граѓани без тестови и изолација, а конечната одлука за тоа би можело да биде донесена на почетокот на следната недела, најави министерот за здравство Венко Филипче.

– Отворањето на границите е нешто што бара регионална координација на сите земји во регионот. Проценката е дека сите имаме сличен или ако не ист епидемиолошки ризик, исти карактеристики за време на првиот бран и временски во однос на интензитетот и со очигледно исти карактеристики, само што ние сме први кои изреагиравме. Но, многу е битно да имаме координација за да се следат сите контакти доколку тоа е потребно. Ние ќе разговараме за отворање на границите за време на викендот и одлука ќе донесеме на почетокот на следната недела, изјави Филипче за ТВ 21.

Со отворањето на границите во целиот регион, посочи министерот, карантините ја губат смислата заради тоа што веќе ќе има слободен проток на граѓани, возила итн.

– Јас, практично на секои два три дена имам билатерални контакти и телефонски разговори со сите министри за здравство од соседните земји како Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија со цел да ги споделиме искуствата, динамиката на одвивањето на новооткриени случаи. Ние донесовме одлука дека сите странци од околните соседни земји доколку се затекнат во нашата земја и ќе покажат симптоми или се сомнителни или се јавуваат во болница, ќе добијат бесплатно лекување, рече Филипче.

Тој очекува дека и сите соседи ќе покажат солидарност околу третирањето на нашите државјани кои се затекнати во нивните земји, заради тоа што, како што рече, една ваква силна пандемија со ваков ризик во сите земји е идентичен.

Во врска со тоа како ќе се третираат членовите на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кои треба да пристигнат во земјава за да ги набљудуваат претстојните парламентрани избори, Филипче истакна дека за сите наши или странски граѓани кои ќе доаѓаат од надвор ќе важат истите протоколи и нема да има никакви исклучоци.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1