Влада: работното време на угостителски објекти до 23 часот и редуцирање на патници во јавниот превоз


Владата на денешната 13-та седница ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести за ограничување на работно време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен оние што вршат испорака, како и за ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

Како што соопшти владината Прес-служба, на седницата е прифатена и препораката целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, да ја организираат работата во смени или онлајн од дома или пак редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите.

– На оваа седница Владата ја прифати препораката на Комисијата да се одложи атлетската трка „23 Oктомври“ во Скопје, како и да остане забраната за присуство на публика на спортските натпревари кои ги организира Ракометната федерација и другите спортски федерации, кои претходно бараа оваа забрана да биде укината, се наведува во соопштението.

Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, Владата го одобрила и Протоколот за постапување при полагање на стручен испит за наставници и стручни соработници во тек на пандемијата со КОВИД-19.

– На денешната седница Владата го утврди Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење со кој се предвидува изградба на посебен вид на градби односно модуларни градби за здравствена дејност, чија изградба е финансирана со средства од Буџетот на Република Македонија или со средства од Европската Унија, односно друга меѓународна организација, заради зголемување на ефикасноста на здравствениот систем при справувањето со коронавирусот КОВИД-19, се наведува во соопштението.

На владината седница е утврден и новиот текст на Предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и согласно член 170 од Деловникот на Собранието, ќе го достави до пратениците на усвојување.

– Овие дополнувања се со цел да обезбедат стабилни приходи и да се олесни работењето на општините во време на КОВИД-19 за 2021 година, кои се дел од Пакетот 4 на Владата на Македонија, информира владината Прес-служба.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1