Владата одлучи да се исплати еднократна интервентна парична помош во износ од 615 илјади денари за санирање на првичните последици од пожарот во манастирскиот комлекс Трескавец.
Владиниот портпарол Александар Ѓоргиев попладнево изјави дека Владата го задолжила Министерството за култура најдоцна за еден месец да изработи комплетен проект за реконструкција и рестарвација на целокупниот манастирски комплекс, односно деловите кои беа опожарени во пожарот.
Очекуваме, наведе Ѓорѓиев, проектот по изработувањето да биде ставен во функција.
– На Министерството за транспорт и врски и на Јавното претпријатие за државни патишта им е наложено да се интензивира работата кон изградба на патот кој води до манастирскиот комплекс Трескавец и очекуваме динамиката да биде засилена затоа што патот е потребен за вршење на градежните работи за реконструкција и реставрација на овој објект, рече Ѓоргиев.
По изработката на проектот за реконструкција и реставрација на опожарениот дел на манастирскиот комплекс Владата, најави портпаролот, согласно проценките и потребите кои ќе бидат дефинирани во рамки на овој проект треба да излезе со дополнителна финансиска поддршка која ќе значи инвестиција на средства во изведување на градежните работи за реконструкција и обновување на опожарениот дел на манастирскиот комплекс.
Ѓеоргиев посочи дека Министерството за внатрешни работи е на терен, прави испитувања и врши истрага околу причините кои довеле до појава на пожарот.
– Сите информации кои досега ги имаме се на ниво на претпоставки, ќе почекаме МВР официјално да се произнесе околу причините поради кои настанал пожарот.
Формирана е и комисија која треба да направи проценка на штетата која е настаната и потоа да ја известиме јавноста за тоа колку ќе чини реставрацијата на опожарениот дел во манастирскиот комплекс, наведе Ѓорѓиев.
Mia