Џорџ Клуни и неговата идна сопруга Амал Аламудин им забраниле на гостите на нивната свадба да користат мобилни телефони.
Двојката им порачала на сите поканети да ги остават своите мобилни телефони пред да дојдат на нивната свадба, во обид да се спречи објавата на какви било информации околу најдолго чеканата свадба, пишува британскиот весник “Телеграф”.
Младенците им објасниле на блиските, дека не сакаат да гледаат свои фотографии во печатот. Официјални фотографии од настанот ќе излезат само во американското издание на магазинот “Vogue”, што ги откупи правата врз нив.
Тридневната спектакуларна прослава започнува вечерва. Меѓу гостите се Бред Пит, Анџелина Џоли, Сандра Булок и Мет Дејмон, кои ќе бидат во хотелот “Кипријан” на островот Џудека, каде што се очекува да вечераат со младоженците вечерва.
Градските власти на Венеција вчера наредија в понеделник да биде затворена патеката пред живописниот Канал Гранде, за да се спречат толпите луѓе да се доближат до местото на венчавката на Џорџ Клуни со активистката за човекови права Амал Аламудин.
Со градската наредба, в понеделник, најмалку два часа ќе бидат затворени пешачките патеки до улиците кои водат до палатата Кавали од 16 век, поради венчавката на Џорџ Клуни. Наредбата е првиот официјален доказ за точното време на одржување на свечениот чин.
Палатата Кавали од ренесансниот период се користи како локација за венчавки и нуди соби со поглед на Канал Гранде и на познатиот мост Риалто. Највозбудлив начин да се пристапи до палатата е со гондола, стои на веб страницата на градот.
Клуни има негова вила покрај езеро во северна Италија и често ја посетува Венеција, најчесто за премиери на филмови на Филмскиот фестивал во градот.
Клуни (53) и Аламудин (36), Британка родена во Бејрут која живее и работи во Лондон, минатиот месец поднесоа барање во Велика Британија да се венчаат во странство, односно во Италија. Ова е втор брак за Клуни и прв за Аламудин.