ВМРО-ДПМНЕ: Заев не може да ја штелува вистината, сторителот е изведен пред лицето на правдата


Очигледно е дека Зоран Заев и СДСМ свесни за силата на доказите кои говорат за нивното незаконско работење, и соочени со пропаста на нивното мрачно сценарио и немањето на поддршка на граѓаните, се обидуваат преку објавување незаконски стекнати, креирани, сечени и монтирани материјали кои немаат врска со политички контекст и не индицираат никакво незаконско работење, да го свртат вниманието на јавноста само поради емоционалноста на темата на која, како и секогаш, и даваат неточен вовед.vmro dpmne

Ова е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на која СДСМ објави аудио снимки од прислушувани телефонски разговори во врска со случајот на 21-годишниот Мартин Нешковски.

– Заев неможе да ја монополизира, присвои или наштелува вистината како што на него му одговара дури ни со овие креирани, сечени и монтирани материјали. Дури и со овие креирани, сечени и монтирани материјали кои денес ги објавуваше Заев може да се констатира дека институциите на системот го пронашле сторителот на кривичното дело и го извеле пред лицето на правдата, посочува ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, и со овие, како што наведува, креирани материјали, се забележува дека институциите најпрво не биле свесни за постоењето на кривичниот настан зашто немало пријава, дека по првичните оперативните сознанија веднаш се пристапило кон темелна и сеопфатна истрага за изнаоѓање на сторителот при што биле истражувани, анализирани и обработувани повеќе правци во истрагата како и во секој кривичен случај.

Обезбедени биле аргументи и докази, сторителот бил лоциран, го признал делото и бил изнесен пред лицето на правдата каде што потоа во соодветна законска постапка од страна на судот бил и правосилно осуден на 14 години затвор.

– Тоа се и официјалните позиции за кои претставници на институциите и јавно говореа. Тоа се фактите и тоа е вистината и тие не може да се покријат ниту извртат со овие креирани материјали на Заев или со неговите тотално апсурдни обвинувања и тези кои немаат никаква правна релевантност за процесуирањето и расветлувањето на овој случај во кој е најден сторителот и е изведен пред лицето на правдата, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинувањата, воведот и конструкциите на Заев, додава партијата, се демантираат со неговите денеска објавени креирани и очигледно сечени материјали.

– Во сите креирани материјали се гледа барањето од сите политички фактори за брзо расчистување на убиството, пронаоѓање на убиецот и негово брзо вадење пред надлежните судски институции. Доколку се слушнат снимките без лажните воведи на Зоран Заев јасно станува дека нема ништо прикриено во овој случај, туку напротив дека се бара брза разрешница, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата оценува дека „Зоран Заев и СДСМ можеби денеска добија некој клик повеќе за читаност на нивните креирани материјали, и можеби мислат дека на ваков начин ќе успеат да мобилизираат поединец или два повеќе за нивните мрачни сценарија, но изгубија во очите на целокупната јавност која може да забележи дури и од овие креирани, сечени и монтирани материјали дека институциите го нашле сторителот на кривичното дело“.

– За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ никогаш не ги расветли сомнителните убиства и самоубиства на телохранителот Драган Глигоров, полицајката Тања Павловска, бизнисмените Наим Лесковица и Спирос Куцурелос кои беа сведоци или засегнати со атентатот на Киро Глигоров, смртта на новинарот на Глас и Дело Љупчо Атанасовски кој ја критикуваше власта на СДСМ, на инспекторот Спасе Атанасов кој зборуваше за шверцот кон Србија, на Трајан Беќиров кој беше жртва на полициско насилство во пролетта 2006, и на други лица кои починаа под неразјаснети околности, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1