„Испрати порака и добиј ги најсигурните типови за денес“, „Обложувај се со најдобрите“, „Обложи се на сто отсто сигурен меч“. Најчесто вака гласат примамливите понуди за продажба на спортски резултати. Тие прогнозираат, а често и ветуваат сигурни резултати за фудбалски, ракометни, кошаркарски и други натпревари со кои можете да се збогатите прекуноќ, но, како и во секоја измама, потребно е да дадете некој денар за да тргне работата. А во 99 отсто од ситуациите станува збор за неточни резултати и измами, пишува Нова Македонија.
Соговорникот на „Нова Македонија“, кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен, вели дека зад хрватските блогови како основачи се јавуваат и Македонци. Тие го прават тоа за наводно да привлечат поголем број лековерни муштерии, а воедно сметаат дека полицијата и измамените граѓани потешко можат да ги најдат.
– Сакаат да заработат пари. Сами ги прават прогнозите, а дојавите за сигурни натпревари не се точни. Ако тој е сигурен дека некој натпревар е наместен, самиот ќе типува на него – раскажува нашиот соговорник.
Во нашата потрага за еден таков блог испративме порака на фејсбук-страницата. За нецел час добивме одговор на прашањето дали со една порака добиваме типови за еден или повеќе „сигурни“ натпревари и дали станува збор за прогнози или врвна спортска тајна.
„Со една порака добиваш еден сингл. Ако сакаш да добиеш повеќе типови, мораш да се претплатиш со 50 евра и 30 дена добиваш ВИП-парови плус СМС-парови плус СМС-прелакси“, стоеше во одговорот напишан на хрватски јазик, во кој веднаш се препозна чуден збороред, со примеси на македонски јазик, кој потсетуваше на дијалект од источна Македонија.
КАКО ФУНКЦИОНИРА БИЗНИСОТ?
За да се добијат прогнозите и дојавите за „наместените“ натпревари треба да се испрати СМС на дадениот број и на мобилниот телефон пристигнува одговорот. На еден од таквите блогови цената за Македонија е 50 денари плус данок на додадена вредност (ДДВ).
Основачот ги добива парите од пораките на сметка што ја отворил во интернет-банка, најчесто со нецелосни и неточни податоци. Заработените пари не ги вадат во готово, бидејќи треба да ги пријават за да бидат оданочени, а постои и страв да не биде фатен ако ги вади во готово.
– Ако се дознае како се заработени тие пари, на луѓето што се занимаваат со овој бизнис им се заканува казна и затоа парите ги користат на друг начин – раскажува нашиот соговорник.
Профитот го користат за плаќање стока што ја нарачуваат преку интернет. Онлајн-плаќањата се најчесто за купување патики, очила за сонце, гардероба и други работи.
Српските медиуми веќе известија за фејсбук-профилот именуван „Наместени натпревари“, зад кој се криел се уште непознат измамник, по кој тамошната полиција засилено трага. Тој најпрво барал уплата од 25 евра на сметка, по што ветувал дека ќе испрати резултати, а потоа исчезнувал. Откако ќе ги добиел парите, ги менувал својот број и името на социјалните мрежи и ја барал новата жртва за измама.
Во Хрватска, пак, осамнаа информации за три тамошни блогери. Цените што ги барале хрватските измамници се движеле од 50 до 1.000 евра по спортски тип.