Речиси една третина од сите половни автомобили кои се продаваат во Германија имаат местена километража, објави германскиот автоклуб Адац.
Според клубот, особено погодни за манипулација се автомобилите произведени по 2.000 година, во кои механичките одометри се заменети со дигитални.
Со евтини уреди за ресетирање на одометар, набавени од Кина, километражата може да се измени во рок од 30 секунди, велат од ADAC.
Уреди за рестартирање на бројачите можат да се купат за помалку од 10.000 евра, а бројачот може да се манипулира во рок од 30 секунди.
Во Минхен актуелно е судењето на трговец со автомобили обвинет дека ги манипулирал бројачите на десетина италијански луксузни автомобили. Според обвинението, трговецот откупувал автомобили по релативно ниска цена, ја лажирал изминатата километража а потоа возилата ги продавал за далеку повисока цена.
Во Германија годишно се продаваат милиони половни автомобили, а познат е и случајот од 2011-та, кога во Минхен еден препродавач ја спуштил изминатата километража на автомобилот од 700.000 на 150.000 километри.
Германските закони наложуваат дека доколку се докаже ваквата измама трговецот е должен да си го земе назад продаденото возило и да му ги врати парите на купувачот.
Купувачите се советуваат внимателно да го испитаат автомобилот пред да го купат, особено ако се сомневаат дека километражата не е во согласност со општата состојба на возилото.