За жал на гаталците, кои без да ги проверат фактите изнапишаа сѐ и сешто за убиството во Маково, кое наводно се случило по кавга за Катица Јанева, директните сведоци на настанот и внуката на убиениот за нашиот весник тврдат дека ниту станало збор за политика ниту, пак, имало воопшто простор за таква дискусија. Убиениот никогаш не се мешал во политика ниту, пак, ги следел медиумите, пишува Нова Македонија.
Неговата внука, скршена од болка за смртта на сега покојниот чичко Ристо, кај кого, откако татко ѝ Јордан замина за Австралија, таа буквално израсна и кого го сакаше како свој роден татко и која за погребот дојде од Охрид, гледајќи го местото пред селската продавница каде што беше убиен нејзиниот чичко, со солзи на очите ни раскажуваше.
– Чичко ми беше најдобриот човек не само во Маково туку и во цело Мариово. Тој беше буквално душа од човек. За разлика од некои други, тој никогаш не „бистреше“ политика. Кога слушнав дека тој бил убиен оти наводно ја бранел обвинителката Катица Јанева навистина бев вчудовидена. Тоа не е точно. Него политиката воопшто не го интересираше. Иако имаше бистар поглед, тој не читаше весници, ниту слушаше радио, а не гледаше ни телевизија. Убедена сум дека тој ниту слушнал некогаш за Катица. веднаш реагирав и барав од уредниците да ми одговорат од каде тие имаат информации дека мојот чичко бил убиен затоа што наводно ја бранел обвинителката Катица Јанева, но, за жал, не добив никаков одговор ,,
и продавачот во селската продавница Ристе Трајковски, кој беше сведок на убиството на старецот, беше вчудовиден и особено непријатно изненаден од измислените информации објавени по медиумите дека старецот бил убиен по наводна кавга за политика.
– Јас не знам од каде такви информации. Тоа што знам, лично видов и чув е дека на масата пред продавницата седеа Раде, Ристо и неговиот син Димче. Во еден момент Раде го убедуваше Ристо да му ја препише куќата во Битола на син му, на што Ристо се спротивставуваше, велејќи му дека тој нема намера да ја препишува куќата никому, бидејќи тој имал и две ќерки. И како што сите го знаевме Раде, во еден момент му се закани на синот на Ристо дека ќе го убие, вадејќи му нож, кој постојано го носеше со него. Овој, откако го виде ножот, исплашен избега кон својата куќа и се скри кај оревот во дворот. Тогаш Раде со стапот почна да го удира старецот по глава и тој падна на масата. Кога виде што сторил, Раде избега на другата страна од патот – ни раскажа продавачот Ристе Трајковски
Повеќе прочитајте на Нова Македонија