„И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.“ – (Матеј 3, 16-17)
Во околината на Јордан проповедал Јован Крстител, кој велел: Се приближува царството небесно, доаѓа очекуваниот Месија, исповедувањето е потребно за влегување во царството небесно. Исус Христос, пред да почне јавно да го проповеда своето учење, од Галилеја дојде крај Јордан и му дозволи на Јована да го крсти, поради што Јован се нарекува Крстител.
Во спомен на Христовото крштевање црквата воспостави празник: „Крштевање на Господ односно Богојавление -„Водици“. Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера.
Празникот Богојавление-Водици не е значаен само по крштевањето на Исус Христос, туку и по тоа што Бог првпат се манифестирал во светите троица – Отецот, Синот и Светиот дух.
На овој ден уште во минатото се осветувале водите, а верниците ја пиеле водата или, пак, ја користеле за лекување болести. Традицијата за положување на крстот во осветените води настанала во Константинопол. Цариградскиот патријарх кога ги осветувал водите на Босфор, крстот со јаже го спуштал во водата, а потоа си го враќал назад. Тогаш верниците што го гледале му рекле: „Зашто сам да го враќаш крстот, можеме ние да бидеме во водата и да ти го донесеме крстот“. Оттогаш оние што ќе му го врателе крстот на патријархот добивале благослов.
Суштината во целиот чин е благословот што го добивале верниците.
Имало времиња кога прославувањето на овој празник било забрането, па граѓаните се плашеле да учествуваат за да не бидат обележани. Старите скопјани раскажуваат дека порано на овој празник му се придавало помало медиумско значење.
Богојавление-Водици е еден од најголемите христијански празници и еден од најмасовните собири на кои скопјани и жителите на другите градови се обединуваат во едно верско празнување. Се верува дека оној што ќе го фати положениот крст во осветените води цела година ќе го следат среќа и бериќет.