Мигрантите во Германија на 23-годишна возраст мораат да се откажат од своето државјанство за да добијат германско
Родендените обично се причина за славење. Но, на една Германка со турско потекло од Ханау во Хесен нејзиниот 23. роденден и’ донесе непријатно изненадување. Во службениот допис на надлежните органи од градот Дармштад се наведува дека со „навршувањето на 23. година од животот според законот го загубила своето германско државјанство“. Дотогаш оваа девојка, инаку порасната во Хесен, каде што и одела во училиште, и чии родители се преселиле од Турција во Германија, имала и германско и турско државјанство. Но, според постојниот закон со 23 години таа морала да се одлучи за едно од тие две државјанства.
„Деца со опција“ – така ги нарекуваат во германските надлежни установи. Таквите личности не можат трајно да имаат двојно државјанство. Оваа млада жена веќе поднела барање во конзулатот на Турција за отпуст од турско државјанство. Но, било предоцна, бидејќи таа постапка трае повеќе месеци со што истекол законски предвидениот рок.
Ова не е единствен случај. Од почетокот на годинава, како што вели Мартин Јунгникел, претставник на властите во градот Дармштад, под нивна надлежност имало 12 такви случаи во кои „децата со опција“ го пропуштиле со закон предвидениот рок и го загубиле германското државјанство.
Германија во принцип не дозволува никој трајно да поседува два пасоша. Сепак, има многу исклучоци. Граѓани на другите земји од ЕУ, како и Швајцарија, можат на пример покрај сопственото трајно да имаат и германско државјанство. Исклучоците се можни во случај ако некои земји, како што се Сирија и Иран, не им даваат отпис од државјанството на своите граѓани. Освен тоа, секој кој има еден родител Германец има право на два пасоша.
Германските Турци претставуваат најголема група од оние на кои се однесува сето тоа.
Дојче веле