Евентуален земјотрес во Скопје може да предизвика многу големи оштетувања на објектите во строгиот центар на градот кај Старата железничка станица и Домот на градежници, како и во населбите Карпош 1 и Порта Влае, кои се изградени врз раседно земјиште.
Во опасност ќе бидат и повисоките згради во населбите Аеродром, Ново Лисиче и Кисела Вода, зашто се направени врз почва непогодна за висококатници, тврди професорот во пензија на Градежниот факултет, Апостол Поцески. Професорот, кој на факултетот предаваше статика и нумерички методи, своите тврдења ги заснова врз студијата „Ефектот на почвата од скопскиот земјотрес во 1963 година“. Таа е направена во годините по катастрофата, кога се испитувал составот на земјата во главниот град и нејзиното влијание врз градбите, предупреди Дневник во текст од 2010 година..
Тогашните испитувања чинеле сегашни милијарда долари, а ги финансирале повеќе странски земји и југословенската влада. Се покажало дека целата скопска котлина лежи на чакал, кој некаде е длабок, а некаде многу плиток. Токму таквите разлики во длабочината може да бидат кобни при земјотреси. Студијата на Поцески во која се обработени раседите во Скопје е направена врз основа на овие податоци, а е објавена во едно од најугледните стручни списание во Америка, како и во публикации во земјава.
Испитувањата на почвата покажале дека најголеми оштетувања во земјотресот имале објектите изградени врз голем расед, односно процеп длабок околу 200 метри, кој се протега од населбата Кисела Вода до реката Лепенец. Раседот минува низ делот кај Чешма во Кисела Вода, па преку улицата пред Старата железничка станица продолжува до поранешниот плоштад Слобода кај Домот на градежници. Оттаму преку улицата Ленинова излегува на „Партизанска“, па кај полициската станица во Карпош 1, преку Порта Влае, завршува кај реката Лепенец. – Скопската котлина е испресечена со многу раседи, но овој е најстрашен бидејќи минува токму низ центарот на градот.
Најголемите оштетувања во земјотресот беа по линијата на овој расед, кој е широк десетина метри од двете страни. Не смее да се гради врз него. Најмногу што може е да има улица, а не згради како што се направени. Дури има и висококатници. Никој претходно, а ни сега, не води сметка дека гради токму по линијата на раседот. Тоа може да биде кобно – вели Поцески. Дека раседот има влијание врз интензитетот на земјотресот докажува и фактот што по катастрофата на релативно мала површина на која тогаш се простирало Скопје имало сосема спротивни оштетувања на градбите. Односно, во одредени делови на градот штетите биле незначителни, а во други имало целосно урнати згради. Имало и примери каде што градбите на една страна од улицата биле комплетно урнати, додека на спротивната немале никакво оштетување. Таквиот парадокс стручњаците го објасниле со специфичниот ефект на почвата, односно длабочината на чакалот. Таму каде што почвата била слаба и имала дебел слој чакал на површината, интензитетот на земјотресот бил поголем.
Целата анализа прочитајте ја во Дневник