Градоначалникот Марјан Ристески зедно со пратениците во Собранието на РМ, Претседателот на Совет Никола Димески, претставници од Центарот за управување со кризи, ЈКП, војската денеска одржаа состанок за поплавите кои го зафатија Прилеп и населените места.
-Според најновите информации од Центарот за управување со кризи, дождовите последните 24 часа и наглото топење на снегот предизвикаа поплави на куќи и помошни простории на жителите на шест села во општина Прилеп. Водата ги поплави населените места: Чепигово, Ново Лагово, Галичани, Ерековци, Тројкрсти, Кадино Село, Клепач, а Големо и Мало Коњари немаат струја. Во прилепско последните 24 часа наврнаа 12 литри на метар квадратен. 2500 вреќи со песок беа поставени во текот на ноќтта на критичните места меѓу селата Чепигово и Тројкрсти. Поплавени и уништени се и голем број на земјоделски површини, соопштуваат од Општина Прилеп.
Во овие денови се препорачува пиење на превриена вода особено во населените места кои ги користат селските водоводи и индивидуални бунари.
Од координативното тело за справување со кризи посочија дека сите надлежни екипи се на терен, а ќе бидат и во текот на денешниот ден.
Како што информира Котески, комисиите се на теренот и вршат процена на штетите, а екипи на Противпожарната единица од Прилеп се во населените места и ја испумпуваат водата од куќите и помошните простории на жителите од поплавените села.