Затната дизна, расипана „бош-пумпа“ и турбина кај ново дизел-возило, замрзнат резервоар при температури под 10 Целзиусови степени. Причината, добропозната, неквалитетно гориво. Вода, вишок сулфур, нечистотии се само дел од примесите што ги има во нафтата во државава. Токму „додатоците“ се причина производителите на нови автомобили да прават анализи на горивата на нашиот пазар и да даваат посебни препораки да купувачите. Тие се и причина зошто се намалува гаранцијата на штотуку купеното возило од пет на три години. Ако купите нов дизел-автомобил, немој да се зачудите ако од дилерот добиете препорака никогаш да не го оставате резервоарот под нивото на една третина од вкупниот капацитет.
Дизелот попроблематичен
Од „Тојота автоцентар“ велат дека постојано добиваат известувања од нивните фабрики дека квалитетот на горивата што влегуваат во земјава е понизок и често не одговара на декларациите.
– Поголем проблем се дизел-горивата отколку бензините. Водена пареа, повеќе сулфур, нечистотии е само дел од она што е најдено во испитувањата што ги прави нашата фабрика. Секогаш кога некој клиент купува ново возило даваме инструкции да не го празни резервоарот под една третина. Во 2011 година кога температурите беа минус 15 степени, секој ден во сервисите имаше по неколку возила со замрзнати резервоари. Во 2009 година дури и гаранцијата на возилата на „Тојота“ во земјава беше намалена од пет на три години поради горивата, но за една година повторно ја вратија – вели Гоце Боцевски, директор на „Тојота автоцентар“.
Тој објаснува дека неблагодарно е да му препорачате на купувачот од каде да полни нафта, бидејќи станува збор за брендови што имаат серија на бензински пумпи.
Симон Станковски од „Сузуки“ вели дека резултатите што ги добиле од испитувањата на бензините воопшто не се оптимистички.
– Ние не сме големи „актери“ на пазарот и продаваме повеќе автомобили што работат на бензин. Но, состојбата воопшто не е розова. Тоа е голем проблем, не се само за нашите возила, туку и тие што поминуваат низ државава, а ставаат гориво кај нас. Треба сериозно да се позанимаваме со она што го продаваме по бензинските пумпи – вели Станковски.
Без контрола
Експертите велат дека најголем проблем во државава е тоа што немаме независна акредитирана лабораторија. Ако ја има, со резултатите многу лесно проблемот ќе го реши Пазарната инспекција. На Природно-математичкиот факултет (ПМФ) повеќе од една година има опрема, но лабораторијата речиси и да не се користи.
– Секој увозник на горива во земјава има своја лабораторија и според неа, она што се продава на пазарот е висококвалитетно. Но дали е тоа така, треба да покажат нашите анализи. Пазарната инспекција треба постојано да биде на терен и да зема примероци од она што се нуди по пумпите. За веродостојни резултати треба да се испитаат сите 300 бензински пумпи, но кај нас тоа никој не го прави. Ниту пак вршиме испитувања. Затоа состојбата е таква каква што е – вели професорот Богдан Богданов од ПМФ, кој ја води лабораторијата за испитување на нафта и нафтени деривати.
Тој објаснува дека и покрај најсовремена лабораторија и опрема на светско ниво, таа не е акредитирана.