Управниот одбор на „Водовод и канализација“ донесе одлука за отпишување на каматите на граѓаните должници што во следните 45 дена ќе решат да ги платат своите заостанати сметки, без разлика дали се редовни или тужени. Плаќањето може да се изврши на благајната во претпријатието, во целост или со склучување договор на рати.
За долговите што ќе се плаќаат на рати, ќе се склучува договор на нотар, а нотарските трошоци се на товар на претпријатието, појаснија од „Водовод“.
Воедно, сите бесправно приклучени корисници на водоводниот систем ќе може бесплатно да се евидентираат и да ги легализираат дивите приклучоци.
Периодот за легализирање на дивите приклучоци е 45 дена или до крајот на јуни. Заедно со барањето, граѓаните ќе треба да приложат документ за сопственост на објект или друга сметка. Досега граѓаните за оваа услуга плаќаа по 7.080 денари.
Според в.д. директорот Бојан Василевски, најмногу бесправно приклучени корисници има во руралните делови, во населбите во околината на Скопје, како што се Сарај, Гази Баба и Шуто Оризари. Овие одлуки, како што рече тој, се во насока на подобрување на услугите кон граѓаните и подобрување на наплатата. Според последните податоци, „Водовод“ има вкупно ненаплатени побарувања од физички и правни лица од околу 39 милиони евра.