Најмногу гласови на избирачките места во Осмата изборна единица, каде се гласаше ден претходно, според првичните резултати освоил Ѓорге Иванов, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Одѕивот на гласачките места беше најмасовен во конзулатот во Торонто, каде од 413 пријавени гласачи, гласаа 239. Од нив, кандидатот Ѓорге Иванов освои 219 гласа, за кандидатот Стево Пендаровски – 15. Во Детроит гласале 169 граѓани од вкупно 285 регистрирани. Соодносот е 150 гласа за Иванов, 14 за Пендаровски, три гласа за Зоран Поповски и еден за Илјаз Халими. Во конзулатот во Њујорк на гласање излегоа 137 гласачи, и гласањето поминало без забелешки. Иванов добил 109 гласа, а Пендаровски 18. Во Чикаго, од 209 пријавени гласачи, правото на глас го искористиле 58. Амбасадата во Вашингтон има највисок процент на
одѕив на пријавените гласачи – од вкупно 40 пријавени, гласаа 32.
Во Амбасадата во канадскиот главен град Отава одѕивот бил 50 проценти од пријавените 27 гласачи.
Инаку, гласањето на претседателските избори во САД помина без поголеми нарушувања, со исклучок на гласањето во конзулатите во Детроит и Чикаго, од каде морал да биде отстранет Јани Хаџи Еленов, кандидатот за пратеник на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија.
Хаџи Еленов дошол на двете гласачки места, првo во Детроит, а попладнето и во Чикаго, и агитирал пред просториите за гласање делејќи пропаганден материјал за себе и за својата партија. По реакција на гласачите и набљудувачите, тој бил замолен да замине. Во двете гласачки места биле информирани и службите за обезбедување на објектите во кои се сметени гласачките места, а во Детроит и полицијата, поради нарушување на гласањето, откако Хаџи Еленов не сакал да замине. По половина час убедување, Хаџи Еленов ги напуштил гласачките места во Детроит и во Чикаго.
Дополнително, во гласачкото место во Детроит имало забелешка од изборната комисија откако еден од гласачите, на примерокот на гласачкото ливче залепен на влезот во просторијата за гласање, го заокружил кандидатот на Социјал-демократскиот сојуз.
извор: МИА