Имено, француската полиција интензивно трага по жената осомничена за учество во вооружените напади изведени од страна на терористите во Париз, додека пак огранокот на Ал Каеда во Јемен се заканува со нови напади во Франција.
Двајцата браќа осомничени за нападот на сатиричниот магазин ”Charlie Hebdo” и третиот маж обвинет за убиство на полицајка, синоќа биле убиени од страна на полицијата, откако тие во Париз и близината на француската престолнина, во два објекти држеа неколку заложници во заробеништво.
Сега, најбарана жена во Франција е 26 годишната Хајат Боумедини, која што му била сопруга на Амеди Коулибали, терористот кој држел неколку заложници во еврејскиот супермаркет на истокот во Париз, а кој бил убиен на крајот од акцијата за спасувањето на заложниците.
Не е познато дали Хајат била заедно со Амеди во супермаркетот, меѓутоа постои можност таа да успеала да избега додека престрашените заложници бегале од супермаркетот при упадот на полицијата.
Хајат немала отсекогаш радикални ставови. Кон екстремистичките идеи се приближила откако го запознала Амеди, мажот за кој подоцна и се венчала. Иако според францускиот закон тие никогаш официјално не венчале, затоа што бракот не е склопен на официјална церемонија, Хајат одлучила да носи бурка, дала отказ од продавницата во која работела и целосно му се посветила на својот маж.
Иако е со алжирско потекло, Хајат го променила своето презиме во Боумедини, се со цел истото да наликува на француско презиме, открил извор близок до истрагата во разговорот со новинарите на ”Daily Mail”.
Во еден момент оваа 26 годишна девојка била повикана на испитување во полиција, откако била поврзана со исламскиот екстремизам за првпат во 2010 година.
Тогаш таа изјавила дека токму нејзиниот сопруг и радикалите ја инспирирале да “прочита многу книги за религијата” и затоа и самата почнала на истражителите да им поставува прашања за верата: “Кога Американците убиваа невини лица, тоа го опишаа како право на мажот да ги брани своите жени и деца. Затоа се прашувам кој всушност тука е терорист?”.
Во текот на испитувањето истражителите и откриле дека знаат дека таа и нејзиниот сопруг ги посетиле Џамел Бегал, Ахмед Лидохун и Дарид Мелук, осудени терористи, и тоа во истиот период кога на посета бил и Шериф Куаши, на што таа ладнокрвно одговорила: “Бевме да тренираме пукање”, открил неименуваниот извор.
Иако неа и Амеди соседите од предградието на Париз каде што живееле, ги познавале само како мирни и полечени, нормални луѓе, пред еден месец тие исчезнале од нивниот дом, а соседите повторно ги виделе на телевизиските екрани, откако било објавено дека станува збор за сериозни терористи.
Исто така, никој од соседите не знаел дека всушност Амеди често бил во конфликт со законот, а зад решетките поминал четири години, додека Хајат го чекала тој да излезе на слобода. Во истата ќелија со него биле и браќата Куаши, кои што ги имале истите радикални погледи.
Всушност, се верува дека тој бил и дел од терористичката група под водство на Ал Каеда, на чие што чело стоел Џамел Бегал, водич на радикалите кој моментално е лоциран во Велика Британија.
Хајат, која некогаш на социјалните мрежи се фалела со фотографии во бикини, подоцна со воодушевување објавувала фотографии на кои позира со пушка во рацете. А со оглед на тоа што таа и нејзиниот сопруг се дел од терористичката драма во Франција, моментално таа е и најбарана личност во оваа земја.