Дваесетгодишниот Џенис Мeкиќ од скопското село Батинци, кој пред три дена го усмрти средношколецот Иван Билински (16) не бил возач-почетник, иако имал возачка дозвола само два месеца повеќе од предвидениот законски рок, во кој не би смеел да го управува џипот „фолксваген таурег“. Пред последните измени на Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата, возач-почетник беше секој возач до 21 година. Обвинителството ги утврдува причините за сообраќајната несреќа и велат дека за истраги од ваков вид е потребен подолг временски период.
– Секое наведување на непоткрепени информации за несреќата би претставувало шпекулација, а треба да се изврши сообраќајно-техничко вештачење на џипот – велат од Обвинителството.
Од Обвинителството не откриваат дали возачот кривично ќе одговара ниту, пак, со која брзина се движел и дали малолетникот бил на пешачкиот премин во моментот кога бил удрен.
Според законот, возач-почетник е секој возач на моторно возило во период од две години по добивањето на возачката дозвола, независно дали дозволата ја добил во Република Македонија или во странство. Возач-почетник е и возач на моторно возило во периодот од две години по добивањето на возачката дозвола од одредена категорија, независно дали поседува возачка дозвола за друга категорија.
Според статистиката на МВР, оваа година полицијата во Скопје казнила 272 возачи-почетници, кои не се придржувале на законот за почетници.
Најмногу казнети се оние возачи-почетници што од 23 до 5 часот возеле без придружник. Полицијата казнила 64 почетници кои возеле со брзина поголема од 60 километри на час, како и 12 возачи-почетници кои управувале возило чија сила на моторот била поголема од 75 киловати.
Kатегоријата возач-почетник беше воведена пред шест години за да се намали бројот на сообраќајни прекршоци извршени од таа категорија возачи, како и поради нивното кратко искуство во учеството во сообраќајот на патиштата. Иако е поминат долг период од воведувањето на овој закон за возачи-почетници, од Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај (РСПБС) сепак апелираат младите да ги почитуваат правилата и прописите, а родителите да размислат кога му го даваат автомобилот на своето дете.