Возачот на „Дурмо турс“ го манипулирал тахографот да не ја покажува реалната брзина


Возачот на автобусот на „Дурмо турс“ возел со брзина од 99 километри на час, иако на автопатот било дозволено возење со 80 километри, и го активирал уредот за манипулација на тахографот за да не ја прикаже вистинската брзина на движење, покажало вештачењето.

durmo turs

Ова го истакна јавниот обвинител Сашо Рајчев денеска на прес-конференција, посочувајќи дека седумте лица се приведени и се наоѓаат во полициска станица во Скопје и во текот на денешниот ден ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка. За шесте лица за кои е отворена истражната постапка Обвинителството ќе побара притвор, а за седмото лице мерки на претпазливост.

-Вештачењето покажа дека главна причина за несреќата се неисправноста на уредите за сопирање на автобусот и поголемата брзина на возење над дозволената поради што изгубил контрола врз автобусот. Возачот возел 99 километри на час, а дозволената брзина е 80 километри, рече Рајчев, додавајќи дека вештачењето покажало оти возачот не користел мобилен телефон во клучниот момент.

Првоосомничен е сопственикот на „Дурмо Турс“, кој е и управител на фирмата. Тој единствен поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во правниот сообраќај врз основа на кој сертификат е издадена лиценцата за превоз, но не го организирал превозот согласно прописите и не водел евиденција, а тоа му го препуштил на раководителот на „Дурмо Турс“ кој не поседувал сертификат.

Токму раководителот, како што рече Рајчев, е второосомничен во овој случај, со тоа што овозможил да се инсталира уредот во автобусот со кој се манипулирал технографот кој правилно не ја регулирал брзинатана на движење на автобусот.

Третиот, четвртиот и петиот осомничен се одговорни лица од фирмата за технички преглед, чиј сопственик е првоосомничениот односно газдата на „Дурмо Турс“. Тие како одговорни за технички преглед и контрола издале документација за исправност на автобусот по двата прегледи направени во јули и декември 2018 година и покрај тоа што што сопирачките не биле на потребното ниво на исправност.

Шестоосомничен, како што рече Рајчев, е возачот кој за време на несреќата се движел со 99 километри на час, а го активирал и уредот за манипулација на брзината. Истрагата на ОЈО Скопје утврдила дека возачот поради брзината изгубил контрола над автобусот, ја пробил заштитната ограда помеѓу двата правци на автопатот и пред да дојде до втората, односно да излета почнал да кочи. Вештачењето на неговиот телефон покажало оти тој не го користел мобилниот за време на несреќата, а здравствената состојба му била во ред, односно таа не влијаела на несреќата.

-Како резултат на сите пропусти на овие шест осомничени доаѓа штетната последица – 15 жртви и 39 лица со тешки телесни и телесни повреди, рече обвинителот Рајчев.

Тој посочи дека во текот на предистражната постапка до денеска биле испитани вкупно 47 лица. наведе дека од Машинскиот факултет било изготвено вештачење за функционирањето на системите во автобусот, од Електротехничкиот факултет вештачење за функционирањето на тахографот, а од Бирото за судски вештачења било изготвено сообраќајното вештачење.

Рајчев рече дека медицинско вештачење било изготвено за здравствената состојба на возачот, а од МВР било извршено вештачење во поглед на употребата на телефонот од страна на возачот за време на несреќата. Додаде дека биле прибавени и 15 обдукции за сите починати лица и дека Обвинителството е во фаза на прибирање на целокупната медицинска документација за другите оштетени лица .

Несреќата се случи на 13 февруари кога автобусот на „Дурмо турс“ со 51 патник излета од патот Тетово-Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот. Во несреќата загинаа 15 лица, а 39 беа повредени.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1