Од затворот Идризово излезе Јован Вранишковски, откако Апелациониот суд Скопје му даде условен отпус. Од неговото ослободувањето до 27 мар 2017 година Вранишковски не смее да изврши слично кривично дело, информираат од Православната Охридска архиепископија ПОА.
Од ПОА информираат дека Владиката Јован се „заблагодарил“ на директорот на затворот, како и на Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1.
„Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован се заблагодарува не сите што на било кој начин придонеле за неговото предвремено ослободување од затворот.
Најпрвин се заблагодарува на директорот на затворот, кој од лично име го поднесе барањето за ослободување на Архиепископот од затвор, возвеличувајќи ги личните карактеристики на Архиепископот Јован (Вранишкоски), до степен на претераност, иако како што ѝ е добро познато на јавноста, само четириесетина дена претходно истиот тој јавно се изјасни дека нема намера да му го промени затворскиот третман на Архиепископот кон послободен затворски режим.
Понатаму Архиепископот се заблагодарува на Кривичниот совет од Основниот суд Скопје I и на Апелациониот суд од Скопје, затоа што го донесоа решението за условен отпуст на Архиепископот Јован, иако токму во Основниот суд Скопје I, во текот на самото судење, на Записник од 19. 06. 2013 год., на стр. 25, во завршниот збор Архиепископот рече дека судскиот процес што се води против него и уште 18 други членови на Православната Охридска Архиепископија не е кривичен, туку „политички процес, но врз верска основа“, соопшти ПОА.
Во соопштението е упатена и „благодарност“ до политичкото раководство на државата и до Синодот на МПЦ.