Вучиќ: Можни се предвремени парламентарни избори во Србија


Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не е исклучена можноста во Србија да се организираат предвремени парламентарни избори во текот на 2018 година, доколку опозицијата изнесе релевантни причини за нивно спроведување.

– Слушам дека некои бараат избори и доколку инсистираат на тоа, нема да бегам од соочување. Не ги исклучувам изборите ако опозицијата изнесе релевантни причини, можно е да ги има, изјави Вучиќ во интервју за денешниот број на „Вечерње новости“.

Вучиќ нагласи дека е „многу задоволен“ од работата на Владата на неговата наследничка на премиерската функција Ана Брнабиќ.

– Зголемувањето на платите и пензиите е значително, а ако бидеме дисциплинирани, ќе има и нови покачувања во иднина, изјави српскиот претседател.

Тој додаде дека е „помалку тажен“ поради фактот што „многу медиуми и дел од јавноста се обидуваат да ги омаловажат дури и најдобрите резултати“ на српската Влада.

Вучиќ во интервјуто нагласи и дека суштината на политиката за која се залага е независна Србија, додавајќи дека додека тој ја предводи земјата нема да дозволи мешање на странците.

– Суштината на политиката за која се залагам е независна Србија. Независна не само во своите граници, туку пред се во одлучувањето и грижата за својот народ. Ако тоа не може некој да го разбере, тогаш тоа е негов проблем, истакна Вучиќ.

Шефот на српската држава порача дека ќе води „единствена, српска политика во која странците нема да се мешаат додека е тој на власт“.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1