Со кандидатите за бугарски пасоши работеле над 100 посредници кои помагале во собирање документи и адреси за регистрација.
Македонците за бугарски пасош плаќале 1.000 евра, Косовците и до 5.000 евра, тврди сведок за БТВ, пренесува Дојче веле.
Македонците биле ценовно „привилегирани“ во процесот за добивање бугарски пасош. Ова произлегува од сведочењето за националната бугарска телевизија БТВ на лице кое „одблиску било запознаено“ со корупциска шема во Агенцијата за Бугарите во странство – скандал кој деновиве ја тресе Бугарија и предизвика апсење на директорот на Агенцијата.
„Најлесно се станува Бугарин ако си отвориш фирма и назначиш 10 вработени. Врз основа на оваа трговска дејност, се добива статус на постојан престој. Вториот начин е кога странски државјанин од земја надвор од ЕУ, поседува фирма и си вади сертификат за отворање трговско претставништво во Бугарија. Третата варијанта, која најчесто користи во последниве години, е да се издејствува статус за постојан престој врз основа на документ за бугарско потекло“, објаснува сведокот.
Според него, со кандидатите за бугарски пасоши работеле над 100 посредници и токму тие помагале во собирањето на потребните документи и адреси за регистрација.
„За добивање сертификат за бугарско потекло на лице од Македонија тарифата е 1.000 евра, а за лица од Косово помеѓу 3.000 и 5.000 евра“, тврди сведокот.
Како се одвива постапката?
Според сведочењето, посредниците обезбедуваат лажни адреси за барателите на пасош.
„Тие користат фиктивни адреси. Сумите се различни за различни региони на Бугарија, и се движат од 50 до 100 евра по лице за адресно регистрирање. Тоа е најмасовно во пограничните региони со Македонија и Србија, во областите Благоевград и Ќустендил“, објаснува соговорникот на БТВ.
Според него, посредникот остварувал контакт со раководниот службеник во „вообичаен работен ден“ во реонот на Агенцијата, и тогаш биле предавани сите документи, вклучително и парите. Во Агенцијата се работело и според тарифи за експресна нарачка на пасоши, како и за услуги за странците со муслимански имиња.
„Најчесто поединците плаќаат меѓу 300 и 500 евра за побрзо издавање на документот. Покрај тоа, има и поделба според тоа од која земја е апликантот – дали реално има основа на лица од одредена земја да им бидат издавани документи за бугарско потекло, и дали кандидатите имаат муслимански или христијански имиња“, објаснува тој.
Македонец кој поседува бугарски пасош, а нема бугарско потекло, за ДВ неофицијално потврдува дека во времето кога тој аплицирал – тарифата за посредникот изнесувала 500 евра. Не ја соопштува годината, а ја илустрира како „раниот почеток на треската по бугарски пасоши“. Вели дека во таа сума не спаѓаат дополнителните трошоци за патувања до Софија заради неопходните процедури, како и плаќањето на други „ситни услуги“ за посредникот.
Македонците рекордери
Ако се исклучат лицата кои навистина имаат бугарско потекло, во изминатите години илјадници странци станале Бугари на коруптивен начин, без да имат ништо заедничко со Бугарија. Според досегашните податоци, рекордот го држат Македонците. Како што пред неколку месеци реферираше министерката за правда Цецка Цачева пред бугарскиот парламент, само во периодот од мај 2017 до мај 2018 година вкупно 17.793 лица побарале бугарско државјанство, од кои најголемиот број биле од Македонија – 10.000.
Катја Матева, пак, поранешен директор на Одделот за бугарско државјанство во Министерството за правда, деновиве наведе дека само од 2011 до 2016 година 1.200 луѓе од Турција добиле бугарско државјанство, 31.000 од Молдавија и 70.000 од Македонија. Притоа, таа изјави дека поседува документација за издавањето патни исправи, обвинувајќи го вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов дека неговата ВМРО се издржувала од продажбата на бугарски државјанства. Таа наведе дека нема да ги презентира доказите во јавноста, бидејќи не дала согласност за нивно објавување кога ги поднела во Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) во 2016 година.
Борис Вангелов, пратеник на ВМРО и поранешен шеф на Агенцијата за Бугарите во странство, демантира дека Агенцијата и ВМРО се дел од пасошката мафија, објаснувајќи го тоа со долгата процедура која подлежи на контрола.
„По добивањето на потврда од Агенцијата, барателот го доставува барањето за државјанство до Министерството за правда, доставува дополнителен сет на документи, чека датум за интервју и полага испит по бугарски јазик. Досието за секој кандидат поминува низ сите институции кои се дел од Одделот за државјанство, а ДАНС и МВР прават целосна проверка пред да бидат издадени пасошите“, тврди Вангелов.
Но, истрагата во Бугарија веќе одведе во притвор три лица од државната Агенција за Бугарите во странство, а по скандалот и во соседна Србија се уапсени четири лица под сомнение за примање мито и поткуп, поттикнување и фалсификување документи за добивање на бугарски пасоши. Од македонското МВР велат дека немаат добиено барање од бугарска страна за да се вклучат во истражните дејствија, а доколку добијат – веднаш ќе постапат.