Убавината и хуманоста годинава ќе се спојат во едно кога е во прашање изборот на најубавата Македонка, која ќе не претставува на Мис Свет, манифестација што годинава е под мотото “Убавина со цел”. Оваа манифестација која на 7 ноември ќе се одржи 14. пат по ред е конципирана како хуманитарен бал за кој сите кои ќе сакаат да уживаат во убавината на девојките, а воедно да бидат и хумани ќе треба да платат по 100 евра, јавува Вечер. Освен со убавина и богата трпеза, целиот настан ќе биде надополнет и со настап на многу домашни ѕвезди, вклучувајќи и една балканска, со која организаторите се уште се во преговори. За титулата најубава Македонка ќе се борат 15 девојки, кои треба да се пријават на се уште актуелниот конкурс. Најубавата девојка која ќе ја одбере жирито ќе не претставува на 14 декември во Лондон, на “Мис свет”, кој годинава е поддржан од британското кралско семејство. Лиценцата за овој избор од 1996 година ја има поранешната мис на Југославија, Лидија Велковска, која вели дека овој настан има, пред се, хуманитарна нота, затоа што планот е дел од средства да се насочат за подготовка на одбраната девојка, а другиот дел е за да им се помогне на оние на кои навистина им треба помош за лекување. “Девојките нема да се претстават во костими за капење, туку во дизајнерски креации на домашен креатор, а потоа во свечени тоалети”, вели Велковска. Овој настан на убавината и хуманоста е поддржан и од Детската клиника, а директорката на оваа здравствена установа, Аспазија Софијанова, вели дека сите пари ќе ги насочат за да им се помогне на оние на кои им се загрозени животите, а кои ќе бидат тие ќе одлучи стручен конзилиум. Колку за потсетување, минатата година во Џакарта, Индонезија, не претставуваше Кристина Спасеноскa