Романската полиција пронашла траги од изгорени слики на Пикасо, Моне и Матис, кои една Романка ги уништила за да го заштити синот обвинет за кражбата.
Романските истражители пронашле остатоци од боја, платна и шајчиња во печката на една Романка, чиј син е обвинет дека ги украл ремек делата од холандската галерија во октомври минатата година. Станува збор за сликите на Пикасо, Моне и Матис, кои биле на изложба во музејот во Ротердам.
Олга Догару признала дека ги запалила сликите за да ја прикрие кражбата. Вредноста на украдените слики се проценува од 100 до 200 милиони евра. Имено, не се знае сè уште колку точно слики изгорела, пишува ББЦ.
Жената сликите ги сокрила во домот и на гробишта, а кога полицијата започнала претреси низ селото, во паника ги запалила. Нејзиниот син заедно со уште петмина момчиња е обвинет за најголемата кражба на уметнички дела уште од 1991 година, кога 20 слики се украдени од амстердамскиот музеј Ван Гог. Судењето започнува следната недела.
„Доколку се утврди дека запалените слики се токму оние што недостасуваат од музејот, тоа ќе биде злосторство против човештвото”, изјави директорот на романскиот Национален историски музеј.
Сите украдени слики се дел од луксузната колекција на Фондацијата Тритон, која по повод 20 години од основањето организираше голема изложба во ротердамскиот музеј. То всушност беше првпат на едно место да биде изложена целата колекција.